Пренџов: Денес не направивме надзор, претставниците од АНБ не присуствуваа на седницата

Денес, имавме закажано продолжение на предходната седница на Комисијата за надзор врз работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање, со единствена точка на дневен ред, а тоа беше случајот на Онишченко. Седницата беше уредно закажана во вторникот и беше зкажана 10 минути откако добив писмено известување од Претседателот на Собранието дека сега во Собранието е безбедно да продолжи комисијата и веднаш ја закажав за во четврток, вели Љупчо Пренџов, пратеник на  Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“.

„Денес, присуствуваа пратениците и од опозицијата и од власта на комисијата со цел да се продолжи работата по точката, но од страна на Агенцијата на национална безбедност немаше ниту еден претставник кој што ќе продолжеше да реферира или ќе започнеше практично, за тоа како лицето Онишченко добило македонско државјанство и како добило позитивни мислења.

Како општество од деведесетите години па наваму без исклучок, наместо Агенцијата повеќе да се грижи за безбедноста на граѓаните имам чувство дека со нивните дејства повеќе прават граѓаните да се чувствуваат небезбедно во сопствената држава. Сметам дека е неодговорно однесувањето, денес никој не се појави на оваа седница имајќи во предвид дека граѓаните на Република Македонија се тие кои што плаќаат и за плати и за вработени и за логистика на сите јавни функционери и чиновници вклучувајќи ги и вработените од Агенцијата за национална безбедност.

Собранието ги претставува граѓаните. Ние сме претставници на демократија и во Собранието покрај тоа што се носат закони, Собранието има со Устав и со закон надлежност да прави и надзор над работата на институциите кои што тоа ги формирало.

Денес не направивме надзор затоа што претставници од АНБ не присуствуваа на седницата.

Ние ќе разговараме, ова тука нема да заврши, седницата не е затворена, точката не е заклучена и во следниот период повторно ќе свикаме нова седница со цел мистеријата Онишченко конечно да добие епилог“ – истакна тој.