Пренџов: Македонската јавност треба да знае дека Комисија за надзор на работата на АНБ и АР ќе има по секоја цена

Не знам што е толкава филозофија, денот кога се случи тој срамен чин за нашите институции и за Република Македонија, дојдоа претставници на МВР кои што почнаа да прават некаква истрага и до ден денеска немаме епилог од таа истрага“, истакна Љупчо Пренџов, пратеник од Коалицијата за „Обнова на Македонија“ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија, говорејќи за инцидентот кога протече снимката од затворената собраниска седница.

Пренџов додаде дека таа случка со протекување на снимката од затворената седница го отсликува девастираниот систем на македонското општество и не е поврзано само со Агенцијата за национална безбедност, туку во кој сектор да се погледне може да се воочат истите сивила.

„Се гледаше уште пред два месеци дека работите таму не се како што треба. Пред околу два месеци јас добив писмо од директорот на Агенцијата, во кое што тој согласно закон побара од мене во рок од 40-тина дена да ставам предлог за внатрешна контрола што претставува вториот човек на институцијата, која што е многу важна функција внатре во Агенцијата. Јас го проверив законот, да така е, согласно закон требаше да ја ставам, јас ја ставив на седница на Комисија, и за првпат во историјата на македонското Собрание се случи да пратениците од власта ја бојкотираат седницата во која што имаат мнозинство и не го избраа началникот за внатрешна контрола на Агенцијата. Уште од тогаш се гледаше и се зборуваше во јавноста дека има повеќе кланови во рамки на СДСМ кои што сакаат да имаат контрола над Агенцијата“, нагласи тој.

Пратеникот посочи сите скандали поврзани со власта се дознаваат од медиумите или пак од опозицијата.

„Медиумите се платени да истражуваат и да пренесуваат до јавноста, но има и органи кои што се платени да ги наоѓаат аномалиите и криминали кои што се случуваат во македонското општество. Но, за жал тие секогаш не се на висината на задачата, секогаш доцнат, еве и за Комисијата не знаеме што се случило, не знаеме ни кога тоа ќе биде. И сакам да ја искористам оваа прилика и да упатам порака до МВР да се забрза таа постапка бидејќи јавноста ја интересираат одговорите, јавноста ја интересира кој е одговорен за овој срам на Република Македонија“, порача Пренџов.

Тој укажа дека потребна е одговорност за тоа што се случи со затворената седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР.

„Јас сакам да ја убедам целата македонска јавност дека Комисија ќе има по секоја цена“, нагласи Пренџов.