Пренџов: Постфестум изразување загриженост е популизам и купување ситни политички поени

Тоа што пратениците од ЛДП, ДС и Дом не гласаа за новиот закон за легализација преставува популизам  и купување на ситни политички поени, смета пратеникот Љупчо Пренџов од Гром, еден од предлагачите на член 41 во рамките на законот, кој предвидува стопирање на сите кривични пријави со легализирањето на бесправни изградените објекти.

„Тие доколку сакаат тој закон да не помине, доколку беа загрижени дека овој закон е штетен, можеа да поднесат 1000-2000 или 3000 амандмани и да го блокираат законот во Собранието. Постфестум изразување загриженост по изгласувањето на законот, според мене е популизам и купување на ситни политички поени, особено што таа група се одвои од СДСМ и ќе настапува самостојно на следните локални избори и тоа е многу голем импакт врз нивното делување на терен,“ кажа Пренџов во неговото гостување во емисијата Стадион на Канал 77.

Во врска со законот за бесправно изградени објекти, тој вели дека тоа не е закон на опозицијата туку е закон на СДСМ, кој што уште во 2018 година е предложен во Собранието.

„Кога вие ќе го погледнете законот, навистина е неблагодарно да се каже било каква категорична оценка, дали е добар или лош.проценките на Министерството за транспорт и врски беа дека некаде околу 120.000 граѓани не успеале да ги легализираат своите бесправно изградени објекти, уште со законите од 2011 и дека 120.000 семејства се во една „лимбо’ ситуација. Дали меѓу нив има луѓе кои неправедно или спротивно на законот ќе легализираат некои работи, да, има и многу е тешко да се донесе одлука. Од една страна имате 120.000 семејства а од друга страна 50-100 или 200 луѓе кои навистина не треба да ги легализираат своите објекти, бидејќи ги направиле не од нужда како најголем дел од населението, пред се во внатрешноста од државата, туку ги направиле бидејќи знаеле дека можеби ќе има таков закон со кои еден ден ќе ги легализираат“, вели Пренџов.

Она што го инспирирало да гласа за законот е и тоа што згради и станбени објекти не се опфатени со овој закон, што значи ако имате дивоградба зграда, таа не може да се легализира, исто и дуќан или деловен објект.

Во врска со пишувањата дека со законот  го спасува и својот лидер, Стевче Јакимовски од кривичната постапка по овој основ, Пренџов вели дека Јакимовски бил на тапет, бидејќи некој сакал да го претстави законот така како што не е.

„Ниту мене ниту на било кој колега од опозицијата, на крај памет не ни паднало да предложуваме било какви амандмани со кои било кој би се амнестира, независно дали тој е од мојата политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Доколку имате дивоградба и имате кривична пријава за тоа , тогаш доколку помине законот и вие го легализирате тој објект, автомастки кривичната пријава станува беспредметна. Се’ друго е игра на зборови и гол популизам во пресрет на локланите избори. Јас како нова генерација на политичари ни на крај памет не ми паѓа да терам популизам“, образложи Пренџов при гостувањето во емисијата Стадион.