Пренџов: СДСМ во овој мандат ја задолжи Македонија колку сите влади заедно од независноста до денес

-Денес е втор ден од расправата за Буџетот за 2023та година. Ова е веќе шести предлог Буџет на Коалицијата ДУИ и СДСМ, а економијата се движи од лошо- полошо. Она што сакам да го истакнам на денешната прес конференција е движењето на јавниот долг. Кога Зоран Заев стана премиер, на 1 јуни 2017та година, јавниот долг изнесуваше 4,7 милијарди евра, а денес ако овој предлог Буџет се изгласа, јавниот долг на крајот на годината ќе биде повеќе од 8,5 милијарди евра или речиси двојно ќе биде зголемен.СДСМ лаже кога вели дека јавниот долг е висок поради долгови од минатото. Да беше така јавниот долг немаше да биде променет. Реалната слика е дека СДСМ во овој мандат ја задолжи Македонија колку сите влади заедно од независноста до денес, изјави денеска за медиумите Љупчо Пренџов пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“.

Тој посочи дека СДСМ и ДУИ ја водат државата како коцкар кој зема брзи кредити и дека не им е гајле за иднината на државата и дали за година или две ќе дојдеме до грчко сценарио.

– Без никаков срам се фалат со парите земени од ММФ за кои освен ние, аплицирале Панама и Мароко. Ќе речат дека заемот од ММФ е голем исчекор, затоа што еврообврзницата ќе била скапа. Висока ќе е каматната стапка на еврообврзница се додека СДСМ и ДУИ кројат Буџети како овој за 2023та година, и се додека имаме влада која нема никаква економска политика и стратегија. Со Буџетот за 2023та година власта планира да не задолжи за дополнителни 1,5 милијарда евра во текот на идната година. Влегуваме во вртлог од кој многу тешко ќе излеземе. Не е неважна тема висината на јавниот долг, затоа што тоа е долг на сите нас. Тоа е долг кој што го оставаме и на нашите деца и внуци. Неговиот драстичен раст во овие 5 години ќе го почуствуваме за некој месец од сега преку прогресивниот данок со стапка 80% повисока од основната, преку 50% повисокиот данок за приходи од кирии, капитални добивки, преку данокот на штедни депозити во услови кога парите губат вредност поради инфлација, ќе плаќаме повисок ДДВ за струја во 2023та година, според одредени најави се очекува да плаќаме ДДВ од 18% за бројни производи кои сега ги плаќаме со стапка од 5%, ќе плаќаат фирмите повеќе данок на добивка поради пошироката даночна основа итн, итн, појасни Пренџов.

Пратеникот рече сите ја плаќаме и допрва ќе ја плаќаме неспособноста и криминогеноста на власта.

– Македонија се наоѓа во тешка економска криза. За жал, доаѓаат тешки денови за македонската економија и животниот стандарт на сите нас. СДСМ и ДУИ ја носат државата кон бездна и тие се клучниот проблем. Потребни се промени кои треба да се случат со гласот на граѓаните. Граѓаните се тие коишто на предвремени парламентарни избори во текот на 2023та година треба да изберат дали сакаат расипништво, повисоки даноци, купи ден продај политики или сакаат рационализација на трошењето, даночна политика со која најпродуктивните не се казнуваат, државни политики и стратегии кои се спроведуваат на дело и носат раст и развој, додаде тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.