Пренџов: Владата крати пари за капитални инвестиции, а истовремено нема кастрања кај непродуктивните трошења

Пратеникот од коалицијата „За Обнова на Македонија“ Љупчо Пренџов, денеска на расправа на Комисија за финансирање на буџет на расправа за ребалансот на буџетот кажа дека Владата не ги крати непродуктивните трошоци додека има огромно кратења кај капиталните инвестиции, што е нелогично.

„Она што значи договори на дело за партиски војници во министерства за агенции во општини во јавни претпријатија тука не се крати, она што е непродуктивни трошоци за набавка на, не знам непотребни ствари во рамки на министерствата не се крати. Онаму каде што имаме изградба на хидроцентрали на патишта на експресни патишта таму имаме рапидно кратење на пола. Впрочем, ги знаете и бројките од транспорт и врски од три милијарди и петстотини на милијарда и седумстотини и тоа се бројките, а вие знаете дека од бројките нема бегање“, кажа Пренџов.

Праша и зошто државата не одвојува пари за спас на Преспанското Езеро кое е 200 метро повлечено и за кое државата е одговорна. Дополнително, Пренџов кажа дека Владата не одвојува пари за малите претпријатија и дека ги пушта низ вода додека само компаниите на олигарсите се заштитени од државата.

„Премиерот ни кажа дека микро и малите претпријатија ќе ги пушти да пропаднат. Тие се тие кои што животаркаат. Овие олигарсиве не животаркаат и напротив потоа ни кажа дека тие што се локомотивите во стопанството е на тие мора да им се помогне“, истакна Пренџов.