Пренџов: Владиното мнозинство го одби законот предложен од ВМРО-ДПМНЕ, цената на ДДВ-то за потрошена електрична енергија да остане на 5%

Денесла во Собранието владиното мнозинство одби еден многу важен Предлог- закон кој беше предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, а тоа е да цената на ДДВ-то за потрошена електрична енергија остане на 5%, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска владиното мнозинство не се охрабри да работи во интерес на граѓаните, туку исклучиво во интерес на банкротираната и најнеспособната Влада во историјата на Република Македонија. Ова одбивање денес значи дека од 1ви јануари 2023 година сметките за електрична енергија ќе поскапат за дополнителни 5%, а од 1ви јули 2023 година за дополнителни 13%. Ова е срамота, затоа што сите владини претставници и сите пратеници од страна на владиното мнозинство кога го намалувавме ДДВ-то за електрична енергија на 5% велеа дека тој ќе трае се додека трае кризата. Кризата не се намали, не исчезна, туку напротив се зголеми. И во време на уште поголема криза тие се однесуваат како да не се од тука и цената за електрична енергија се покачува за дополнителни 5% од 1ви јануари 2023 година. Остро протестираме против тоа и остро протестираме на претставниците во овој дом не ги штитат интересите на оние кои што ги бирале, туку ги штитат интересите на оние во Илинденска“, рече Пренџов.

Додава дека вториот закон кој што го одбија, а за кој што наводно сериозно се размислуваше во Владата, беше Викенди без ДДВ, каде што граѓаните на Република Македонија ќе можеа да пазарат основни прехранбени намирници во текот на викендите без данок.

„Тие се две решенија за кои што едноставно Владата нема слух за помош на граѓаните и директно го покажуваат своето вистинско лице кое што пред секои избори, секоја прес конференција декларативно со зборови се грижат за интересите на граѓаните, а де факто и на дело го прават спротивното. На Република Македонија и се потребни час поскоро нови избори бидејќи едноставно состојбата и во економијата и секој сектор во државата е на катастрофално лошо ниво“, вели Пренџов.