Преодниот сириски премиер ветува стабилност и мир

Новиот сириски премиер задолжен за транзиција, Мохамед ал-Башир, во вторникот во интервју за катарската телевизија Al Jazeera му вети „стабилност“ и „мир“ на сирискиот народ исцрпен по повеќе од 13 години војна.

„Време е луѓето да уживаат во стабилност и мир, да бидат згрижени и да знаат дека нивната влада е таму за да им ги обезбеди услугите што им се потребни“, рече Башир, кој на негово место го назначија исламистичките бунтовници кои ја соборија владата на поранешниот претседател Башар ал-Асад, иако според сѐ судејќи авторитарниот секуларистички челник направил договор со шареноликата бунтовничка коалиција за трансфер на власта по што всушност му е овозможено наводно да пребега во Русија со семејството и најблиските соработници.

Башир е именуван за шеф на владата која „ќе обезбеди управување со тековните работи до март 2025 година, додека чека да се решат уставните прашања“, се вели во неговите забелешки што ги пренесе официјалната сириска новинска агенција SANA во вторникот вечерта.

Мохамед ал-Башир досега ја предводеше таканаречената „Влада на спасот“ формирана неколку години од бунтовниците на екстремната исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), некогашната Џебхат ан-Нусра односно сириското крило на Ал Каеда, во нивното упориште Идлиб, во северозападна Сирија.

„Нашето претходно искуство во управувањето со провинцијата Идлиб и околните области ни овозможи да стекнеме вредна стручност (…) што нѐ направи способни да ја преземеме оваа голема одговорност што ни е доверена“, рече Башир за време на состанокот со новите министри и министри на „паднатиот режим“.

Целта на состанокот е „да се дефинираат процедурите за преземање на институциите, да се започне со трансфер на овластувањата и да се обезбеди континуитет на тековните работи“, пренесува SANA.

„Мисиите на привремената влада се состојат од одржување на безбедноста, зачувување на стабилноста на институциите и избегнување на колапс на државата“, рекол Башир.

„Исто така, се стреми да обезбеди основни услуги за населението, до формирањето на новата сириска влада која ќе ги исполни аспирациите на сириското општество“, додал преодниот премиер.

Во понеделникот, ден по влегувањето без борби во главниот град, водачот на HTS, Абу Мохамад ал-Џолани одржа разговори со поранешниот премиер Мохамед ал-Џалали за „координирање на транзицијата на власта“ поддржана од парламентот и соборениот претседателот Асад на повеќе од петдецении владејачката социјалистичка партија Баат. Оваа партија до крајот на 2010 година, неколку месеци пред бунтот беше наведувана како државотворна партија, чие водство тогаш ги направи првите уставни измени со намера да го избеген ширењето на бунтот предводен од сунитските радикални групации поддржани од блискоисточните монархии и водечките западни земји.

Џолани ја нагласи потребата новата влада да се потпре на искусни луѓе од администрацијата во заминување.