Балкан

Власта и опозицијата во Грција и натаму со различни позиции околу името Препукувања во паралементот во Атина за спорот со името

Препукувања во паралементот во Атина за спорот со името

Власта и опозицијата во Грција и натаму со различни позиции околу начинот за решавање на долгогодишниот спор со Македонија околу името.

Меѓусебни обвинувања за позициите во прашањето за името си упатија грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис за време на расправата во грчкиот pарламент, посветена на предлогот на опозициската партија за формирање комисија за истрага и на тројца министри од владата на СИРИЗА за евентуална вмешаност во скандалот „Новартис“.

Мицотакис, ја обвини грчката влада дека нема една и заедничка позиција за името, додека, пак, Алексис Ципрас возврати дека Нова демократија отстапила од националната линија и уште еднаш ги повтори грчките позиции во разговорите.

Ципрас рече дека тој воопшто не ја променил позицијата и имал чувство дека грчките ставови се всушност и националната линија во преговорите што ја поддржува и Нова демократија.

Мицотакис упати критики до Ципрас и поради тоа што во разговорите воопшто не ги вклучил и партиите од опозицијата, а наместо тоа грчкиот премиер одбрал прво да се сретне со неговиот македонски колега.

Различни ставови за можностите за решение изразија алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија Јоргос Кумуцакос.

Катругалос е оптимист, вели дека постои моментум и добри намери од двете страни и смета дека е веројатно да се постигне договор, Кумуцакос пак, вели дека погрешното управување со прашањето во внатрешноста на земјата, го затвори прозорецот на можност за решение.

Имаме национална линија од 2007. Сложено име што ќе ја разликува грчката и историската Македонија од соседната земја, да нема никакво прашање поврзано со иредентизмот, договор што ќе биде комплетен и да има трајни карактеристики. Ние првпат додадовме и една дополнителна гаранција, нешто што досега го немаат ставено други влади, промена на Уставот за да се обезбедат уставни карактеристики, објасни алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.

На прашањето, колку е веројатно решението на спорот со името, Катругалос смета дека е толку веројатно, што ќе стигне во парламентот.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, објасни дека изјавата на македонскиот премиер за грчкиот Устав, во Грциј била погрешно пренесена и толкувана, бидејќи „Заев рече да видиме што вели грчкиот Устав, па и ние да го сториме истото “.

Кумуцакос, пак, рече дека спорот со името, како и секое големо дипломатско прашање има две димензии – надворешниот аспект, односно што се случува на дипломатското поле и внатрешната димензија, односно во внатрешноста на земјата.

Погрешното управување со прашањето во внатрешноста, го затвори прозорецот на можност во надворешноста, додаде одговорниот за надворешна политика во опозициската партија. Кумуцакос повтори дека за Нова демократија, за да постои решение тоа треба да ги вклучува: името, имплементацијата, иредентизмот и Уставот.