Уште шест месеци да продолжи мерката за нула отсто царина за 50 проценти од увезените количини на свинско месо во претходната година, бараат преработувачите на месо, и предупредуваат дека, во спротивно, сувомесните производи ќе ги поскапат за најмалку 15 – 20 отсто. Може да дојде и до затворање на капацитетите или до нивно селење во соседството со што, по околу 500 семејства во еден регион ќе останат без работа.
Како што информираа на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, барањето за продолжување на бесцаринскиот увоз на суровина, денеска ќе биде и официјално доставено до Владата.
-Не бараме помош, ниту субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. Готови производи влегуваат во земјава со нула отсто царина, а ние при увоз на суровина плаќаме 20 до 30 отсто царина. Проблемите ќе бидат се понагласени со Отворен Балкан, така што ќе дојде или до затворање на капацитетите или до нивно селење во соседството“, рече претседателот на Групацијата за преработка на месо и производи од месо, Гоце Трајчев.
Тој порача дека Владата треба да го растовари стопанството од политика и да не носи мерки кои се штетни и лијаат негативно врз буџетот.
Според Васко Ристовски од Стопанската комора, до надлежните навреме било доставено барање за бесцарински увоз, но неофицијално, нема расположение за продолжување на мерката.
„Мерката се продолжува веќе четири години, на секои шест месеци. Сега немаме никаков одѕив и затоа апелираме оваа мерка да продолжи. Од тоа ќе зависи и дали преработките ќе поскапат за најмалку 15 -20 отсто, после 5 – 6 јуни и ќе бидат поскапи од увезените“, рече Ристовски и додаде дека во овие исклучително тешки услови, најмалку што може да направи е да се продолжи оваа мерка за уште шест месеци ако сакаме месната индустрија да опстане.
Ристовски соопшти и дека во периодот на ковидот потрошувачката на месни преработки била зголемена особено со ваучерите, а се намалил и увозот на свежото свинско месо од 12.600 на 11.500 тони.