Пресаденото срце почна да чука во градите на 39-годишна жена, а следните 48 часа се критични

Почна да чука новото срце во градите на 39 годишната жена на која утрово и беше извршена трансплантација, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.

Станува збор за трета трансплантација на срце во земјава. Здравствените власти велат дека операцијата била тешка и следните 48 часа се критични.

„Операцијата беше извршена врз 39-годишна жена, со вродена срцева маана, која подолго време чекаше донор. Станува збор за тешка операција, која траеше 5 часа, а поради сериозноста на истата, следните 48 часа се критични за пациентката“, соопштија од Министерството за здравство.

Починатото срце е од почината пациентка која била на 40-годишна возраст, а чие семејство покажало големина и човечност и ги донирало органите за да се спасат три животи. Покрај на срцето, во тек е трансплантацијата на бубрезите кај двајца пациенти, за кои од Министерството за здравство ќе информираат откако ќе завршат операциите.

„Во трансплантацијата на органи учествуваа хирурзи, анестезиолози и останат медицински персонал од државните клиники Кардиохирургија, Кардиологија, Урологија, Нефрологија, Институтот за трансфузиона медицина, за Рентгенологија, КАРИЛ и лекарски тим од Клиничката болница Жан Митрев“, соопштија од Министерството.

Првата трансплантација на срце во земјава се случи лани во мај. Срцето на починатата Емилија Динева продолжи да чука во 53-годишниот Иван Огненовски, кој долго време чекаше донор.

Во април годинава, пак, се направи втората трансплантација. Донор беше младата Верица Белчовска која загина во сообраќајна несреќа. Исто така беше направена трансплантација и на бубрезите, но и на коските.