Преспа… или она што остана од нејзе!

Во географска смисла на зборот поимот Преспа претставува голема котлина во чиј центар се сместени двете преспански езера — Големото и Малото. Северната страна на областа, лежи во Република Македонија и се нарекува Горна Преспа и го опфаќа поголемиот дел од територијата на општината Ресен, додека Јужната – Долна Преспа географски е поделена на два дела. Мала Преспа, на чија територија е албанската општина Пустец (она која е сега цел на нападите на нашите „администратори“) и Голема Преспа, на чија територија лежи, грчката општина Преспа и јужниот дел на општината Ресен со преубавите, но веќе целосно иселени села – Долно Дупени, Наколец, Брајчино, Љубојно, Штрбово, Крани, Сливница, Претор, Курбиново, Асамати, Рајца, Отешево, Грнчари, Стење и Крани.

Во Големото Преспанско Езеро постојат два острова кои се и единствени со кои можеме да се пофалиме дека имаме острови во нашата држава: Голем Град (Свети Петар) со површина од 1 км2, се наоѓа мошне близу до тромеѓато од државните граници и ѝ припаѓа на Република Македонија. Обраснат е со фојова шума (Јuniperus foeditissima) стара неколку векови, богат е со археолошки наоѓалишта и е заштитен со закон како природна реткост. Долго време носеше епитет на „остров на змиите“, а јас го нарекувам „Македонскот Галапагос“ и така треба да остане. Во Република Албанија се наоѓа помало островче, наречено Мал Град (Свети Павле). Историјата кажува дека Преспа било седиште и на архиепископот на Автокефалната македонска црква, чие седиште подоцна е пренесено во Охрид. Овде е основана и првата држава на македонските Словени под водство на синовите на кнезот Никола, четворицата комитопули: Давид, Арон, Мојсеј и Самуил. Најмладиот Самуил бил прогласен за цар токму тука каде било и седиштето на Автокефалната македонска црква.

Историја и убавина за која може да се зборува многу и користи за туристичка намена. Ова е уводот за она што следи за Преспа и Преспанското езеро или она што остана од него.

Преспа прв пат ја посетив во далечната 1980 година, како четвртооделенец кога беше задолжителна „настава во природа“. Во тогашното југословенско образование сите деца од четврто одделение посетуваа двонеделна настава во детските одморалишта „Шуламина“ во Крушево или „Мите Богоевски“ во Претор. Нас ни падна посета на ова второво. Тоа беше мој прв самостоен одмор без родителите. Импресиите и ден денеска ме држат. Така импресиониран, моите родители не’ однесоа наредната година на одмор во летувалиштето во Отешево во хотелот „Југославија“.

Туризмот во Преспа започнал да се развива со изградбата на истоименото летувалиште Отешево на брегот на езерото во периодот 1948-1950 година, посебно со изградбата на хотелот „Југославија“, во кој неколку пати престојувал и другарот Тито. Во тоа време било хит да се градат работнички одморалишта, па така со тек на време на брегот на езерото се раѓаат туристичкиот комплекс Крани во Претор, објектите на Црвен крст, на „Транскоп“, камповите на трикотажата „Пелистер“, на СОК, на „Македонија пат“, хотелот на Шеќераната, камповите на прилепски „Црн бор“, на Македонски железници и хотелот на „Преспа турист“, а поради поволните климатски услови и услови за воздушна бања, бил изграден и некогашниот Завод за превенција на хронични респиративни неспецифични и алергични заболувања, отворен во 1980 година.

Но, најпознат и најголем бил хотелот „Југославија“. Во почетокот хотелот се викал ,„Вилата на Лазо“, па по некое време „Вилата на Цветко“, а потоа станал комерцијален хотел по кој се препознавало не само Отешево, туку и туризмот и угостителството на целото Преспанско Езеро. Кон крајот на педесетите и почетокот на шеесеттите години Отешево, а во неговите рамки и хотелот „Југославија“, стануваат престижно и елитно летувалиште не само во Македонија, туку и во југословенски рамки. По изградбата на хотелот „Европа“, хотелот „Југославија“ паѓа во сенка на 4 звездениот хотел. Отешево во тогашно време остварувало и до 100.000 ноќевања годишно.

Целокупната состојба на туристичката населба Отешево денска е очајна. Урнатини обраснати со треви и трње и крајбрежје со трски. Езерото денеска е преполовено, исушено и претворено во бара, а замислете од сите страни овој регион е заштитен со закон, како посебна природна реткост!!! Од двете страни се наоѓаат два национални паркови – Пелистер и Галичица, тука е сместен и паркот на природата „Езерани“, а она што јас го знам и сум учествувал во безброј студии, програми, стратегии за заштита на овој дел, за жал како што се бива кај нас, останаа само на хартија скриени во нечија фиока. Автокамповите „Отешево“ и „Крани“ се запустени и заборавени, додека некогашните хотели „Европа“ и „Југославија“ пропаѓаат откако беа опожарени пред дваесетина години. А, приказната беше голема за овие хотели.

На средината на 2004-та, еден наш во тоа време политичар и роден по потекло од таму, се сеќавате беше царински директор, пушти голем глас дека Преспа, односно Отешево ќе добие во тоа време невидена инвестиција. Поточно дека Отешево ќе стане македонска Ибица. На површина од педесет хектари ќе биде изграден комплекс во кој ќе има бутик-хотел со 50-70 соби, хотелот ќе го пратат 50-70 вили од природен материјал изградени, ловиште за богати клиентела и т.н. Автор на проектот е некој си Мануел Аирес Матеош, а инвеститори некоја португалска фирма со чудно име „Аква Пура“ (кај нас секогаш е мистеризно завиено за секој еден поголем инвестирот) за кого е најавено дека „ќе ја започне ренесансата на Преспа“, ставајќи ја на врвот од светскиот елитен туризам. Комплексот требал да се гради три години и првите гости да бидат дочека во 2011 година. Дури одеа до таму што во 2007 година португалските инвеститори се фалеа со презентација на проектот вреден 50 милиони евра пред јавноста, па и со поставување на камен темелник, замислете за што добија и посебно признание „златно јаболко“ со големи гозби и прослави за овој успех (такви сме ние секогаш сиротите гостољубиви и веруваме на приказни од бајките, а што да правиме кога реалноста е таа, нели?).

И би камен темелот, земјиштето се продаде по багателна цена на инвеститорите, во тоа време хотелите „Југославија“ и „Европа“ кои стана нивна сопственост беа од неразјаснети околности изгорени до темел и напуштени, ама од инвестицијата со години сеуште немаше ништо. „Аква пура“ изчезна, а  со тоа изчезна и туризмот во Преспа. Го уништија и она што беше остаено од претходниот систем (не за џабе народот вели денеска не можат да уништат толку сегашниве, колку што изградија претходните).

Владата на ВМРО ДПМНЕ проба нешто да направи со овој дел, се донесе одлука за реставрација на хотелите, се донесе и одлука за формирање на Туристичка развојна зона, изградија преубава плажа во Стење, но за жал таа плажа денес плива на суво, зашто езерото го нема во недоглед. но и тука работата застана за овој регион, како да е проколнат да биде само едно ништо и со тоа да се осиромаши туризмот и економија за овој крај.

Денес, Преспа и Отешево пропаѓаат и има се’ помал и помал број туристи секоја сезона. Единствен сместувачки капацитет кој работи е некогашниот хотел на „ЗОИЛ Македонија“, купен од повратник од САД и претворен во хотел „Езерски поглед“, оној хотел од серијата „Преспав“. Ако не е беше серијата мислам дека никој од нашиве деца нема да знаат дека постои некаков објект и езеро (колку е моќна само медиумската пропаганда, една добра серија не’ потсети дека овој крај не е умрен сеуште). Или ако ништо друго Преспа ќе остане запаметена по неславниот „Преспански договор“ од Нивици.

Сеќавајќи се на минатото и одморите со моите родители, а сакајќи денеска да им го претставам тоа на моите деца, а зашто не и да ги потсетам повторно моите родители на деновите кога бевме млади и безгрижни, се прашувам а каде тоа сега би ги однел во Преспа! Што уште остана од нејзе?

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес