Преспанскиот договор им ја отвори вратата на бугарските политичари да постават нови услови, вели Димовски

Со Преспанскиот договор се отвори вратата и затоа има бугарски политичари кои ни кажуваат дека тоа треба да го направиме и со Бугарија и дека додека не се направи нема да одиме понатаму, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, за „Само вистина“ на Канал 5 кој потенцираше дека информациите кои случајно или не излегоа дека Бојко Борисов бил длабоко вклучен во преговорите за Преспанскиот договор, беа фрапантни и страшни.

Димовски истакна дека проблемот е што со Преспанскиот договор се дозволи да се редефинира македонскиот идентитет и нас ни е забрането да се повикуваме на македонското наследство кое е вонвременско и цивилизациско.

– Нема во Европа меѓудржавен договор каде две држави дефинираат доколку јас кажам дека сум Македонец, што се подразбира под тоа, ако сум на оваа страна на границата и на другата страна на границата. Тоа е иронијата на нашето прифаќање за редефинирање на идентитет. Седумосминскиот такт е настанат во Егејска Македонија, најубавите македонски песни се таму настанати, сржта на конципирање на македонски јазик ја дава човек од Егејска Македонија, рече Димовски.

Тој нагласи дека тоа што бара и Бугарија редефинирање како што има во Преспанскиот договор во принцип крајната цел и на Грција и на Бугарија е деформирање и деградирање на македонскиот етнички, национален и јазичен идентитет.

– Тие двете може и признаваат македонски политички идентитет, дека има политичка формирана нација, но не признаваат културолошка дефиниција на различна нација, изјави Димовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.