11.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Преставник на ЕМА вели дека вакцината АстраЗенека предизвикува тромбови, Агенцијата го демантира

Висок официјален претставник на Европската агенција за лекови (ЕМА) во интервју изјавил дека постои врска помеѓу вакцината АстраЗенека и згрутчувањето на крвта, пренесува Франс прес.

„Во следните неколку часа ќе кажеме дека има врска, но сè уште треба да откриеме како се случило тоа“, рече Кавалери.

АФП наведува дека прашањата дали се појавуваат ретки, но сериозни згрутчување на крвта кај оние кои ја примаат вакцината АстраЗенека, почесто отколку кај општата популација, доведе до пад на довербата во вакцината.

Десетици такви случаи се потврдени, од кои некои биле фатални. Во Британија се потврдени 30 случаи, од кои седум биле фатални од вкупно 18,1 милиони вакцинирани до 24 март.

Европската агенција за лекови претходно заклучи дека „не е докажана каузална врска со вакцината“, дури и ако е „можна“, истакнувајќи дека придобивките од вакцинацијата ги надминуваат ризиците.

Но, ЕМА исто така соопшти дека е можна причинско-последична врска помеѓу вакцината AstraZenecа и формирање на тромбови и ќе го разгледа прашањето од 6 до 9 април, а потоа ќе објави нови информации.

„Се обидуваме да добиеме точна слика за тоа што се случува со цел детално да го дефинираме овој синдром што се јавува како резултат на вакцинацијата“, рече Кавалери.

„Има повеќе случаи на церебрална тромбоза кај вакцинираните лица. Меѓу помладите луѓе, тоа е повеќе отколку што би очекувале. Мора да го кажеме тоа”, заклучи Кавалери.

Од ЕМА ги демантираат наводите на Кавалери и велат дека не може да се тврди поврзаноста, додека трае истрагата за појавата на случаите на згрутчување на крвта по давањето вакцина на АстраЗенека.

Пол Хантер, експерт за медицинска микробиологија на Универзитетот во Источна Англија, рече дека „елементите на доказите сè уште го поддржуваат фактот дека вакцината Оксфорд и АстраЗенека е навистина причина“.

Неколку земји претпазливо одлучија да не ја даваат вакцината на луѓе под одредена возраст, како што се Франција, Германија и Канада. Норвешка и Данска засега целосно ја прекинаа нејзината употреба.

AstraZeneca во март објави дека „нема докази за зголемен ризик“ и во саботата соопшти дека „безбедноста на пациентот“ е нивен „врвен приоритет“.