Престројувањето во ВМРО-ДПМНЕ покажува решителност и увереност во успех

Како што најави речиси веднаш по ланските декемвриски избори челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во саботата вечерта се случи кадровското освежување на Извршниот комитет, а новиот персонален состав на главното партиско тело укажува дека партијата што на последните парламентарни избори ја предводеше коалицијата За подобра Македонија, која беше фактичкиот победник со најмногу мандати во Собранието, е решителна и уверена во успех на претстојните локални избори, а зошто да не како вовед во изнудување и на можни предвремени парламентарни избори.

Имајќи го предвид временскиот распон од најавата на Груевски до објавувањето на промените во Извршниот комитет, како орган кој треба да ја понесе најголемата одговорност во креирањето и спроведувањето на партиските политики, јасно е дека тие се плод на длабока анализа и анкетирање на расположението, како меѓу членството, така и во поширокото избирачко тело. Тоа е основната идеја на овие измени, наспроти тврдењата дека тоа е изнуден потег на некакви партиски превирања, како што беше неуспешниот обид за внатрепартиски пуч со таканаречените „реформатори“.

И самиот тајминг на објавувањето на кадровското освежување во партискиот врв, исто така, неслучајно е избран и доаѓа во периодот на подготовки за локалните избори. А „свежата крв“, што претпоставува и зголемен ангажман за оправдувањето на добиената доверба, навестува долга и жестока кампања во окрупнување на гласачкото тело во пресрет на локалните избори, како прв тест за тоа дали македонскиот електорат ќе биде подложен на уште еден изборен инженеринг кој нескриено се подготвува.

Се разбира, очекувано е покрај наменската канонада од шпекулации во контролираните од власта медиуми, да се јави и извесна доза од скептицизам. Меѓутоа, имајќи ја предвид повеќепати јавно искажаната решителност за брзо враќање на власт, и од самиот Груевски, може да се очекува дека многу набрзо ќе се евидентираат резултатите од овие кадровски рокади, коишто, како што веќе рековме, повеќе се во насока на проширување на опфатот на целните групи кои ќе се таргетираат како извори на дополнителните гласачи на веќе големата електорска база на ВМРО-ДПМНЕ.

Скептицизмот би можел да се состои во однос на скромниот политички опит кај некои од новите членови на Извршниот комитет. Затоа, пак, забележлива е комбинацијата токму од политички искусни кадри и докажани професионалци во своите области со значително влијание пошироко од партиската база. Таква неверица, да се потсетиме, провејуваше и кога во 2003-та година Никола Груевски ја презема ВМРО-ДПМНЕ, и веднаш пристапи кон измени во партиските тела. Тогаш навистина дури и кај дел од партиското тело беше забележлива збунетоста, па и разочараноста од неисполнетите лични амбиции. Ситуацијата и во тој период наликуваше на сегашната, со цврста контрола над медиумите од страна на тогашната власт на СДСМ, жестоки обиди за криминогено претставување на партијата и активност на таканаречените невладини граѓански организации, но многу набрзо со интензивната работа на тогаш младиот и уште помалку во сировата политика искусен тим на Груевски стана јасно кој ќе биде победникот на следните парламентарни избори. А ВМРО-ДПМНЕ потоа супериорно владееше на политичката сцена во земјата повеќе од деценија.

За одбележување, исто така, е дека во овој момент новиот Извршен комитет, доколку се суди според реакциите на социјалните мрежи, наидува на задоволство кај партиското членство и создавање позитивна атмосфера. Ваквите реакции само го потврдуваат оптимизмот во партијата дека поддршката којашто ја добиваат новите кадри води кон продолжувањето на континуитетот на изборните победи последната деценија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.