Пресуда во ТНТ: Груевски доби девет години затвор, Јанакиески три, а четири години Трајковски

Девет години затвор за експремиерот Никола Груевски, три години за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и четири години за бившиот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, се дел од изречените казни во случајот ТНТ кој се однесува на рушењето на објектот „Космос“ во 2011 година. Во случајот се гонеа и тогашната градежна инспекторка Елизабета Најдовска која, исто така, доби четири години затвор, додека три службени лица од Општината добија ослободителна пресуда, пренесува 360 степени.

Во периодот од 1-ви април 2012 до крајот на истата година, тогашниот претседател на Владата, Груевски заедно со министерот за транспорт Јанакиески, одлучиле да му се одмаздат на Фијат Цановски, заради неговата одлука да ја напушти владината коалиција со партијата ПЕИ и кој склучил коалиција со СДСМ. Груевски и Јанакиески искористувајќи ја владејачката моќ го поттикнале Тони Трајковски да ја злоупотреби службената положба, кој бил градоначалник на Гази Баба предложен од ВМРО ДПМНЕ, и незаконски го срушил Космос кој бил граден од фирмата на Фиат Цановски.

Сите се гонеа за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а во пресрет на изрекувањето на пресудата обвинителот Бурим Рустеми го повлече обвинението за едно од двете дела на екс-министерот Јанакиески, кое се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластувања во врска за тендерот за рушење на објектот, бидејќи како што рече, од доказите не произлегува дека Јанакиески го сторил тоа дело.

Барајќи осудителна пресуда за обвинетите, тој остана на ставот на обвинителството дека објектот „Космос“ што го градеше бизнисменот Фијат Цаноски бил срушен незаконски поради политички реваншизам.

Одбраната, пак, до крајот на судскиот процес тврдеше дека рушењето било законски бидејќи се градело спротивно на одобрението за градба и биле прекршени законите со оглед дека инвеститорот излегол од предвидениот габарит.

„Дали нешто ќе се подобри ако добијам и шеста осудителна пресуда? Ништо, освен што Фијат Цаноски ќе заработи фантастична сума пари како отштета од Буџетот, а ќе се даде и поттик и на други инвеститори своето незаконско работење да го прекриваат преку политика“, рече Јанакиески во завршните зборови.

Останатите пет пресуди кои ги има ексминистерот се во случаите: „Титаник“ (4 години и шест месеци затвор); „Топлик“ (три и пол години затвор) „Насилство во Центар“ (условна казна); „Дизајн“ (условна казна); „Организаторите на 27 април“ (6 години и 3 месеци затвор). Од нив, правосилна е пресудата за „Насилството во Центар“, додека затворските казни во „Топлик“, „Титаник“ и „Организаторите на 27 април“ се првостепени и за жалбите за нив треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.

На Груевски, пак, му се суди во отсуство со оглед дека тој избега во Будимпешта кон крајот на 2018 година. Тој има правосилна пресуда во „Тенк“ (2 години затвор) и „Насилство во Центар“ (1 година и 6 месеци затвор). Првостепена пресуда, пак, експремиерот има во „Плацови на Водно“ (7 години затвор).