Деновиве на мое изненадување (15.12.2021г), после, скоро три години ми пристигна ПРЕСУДА од Вишиот управен суд УРПЖ.бр.56/2020, каде што стои во Пресудата, дека: Жалбата на тужителот Ѓорѓи Илиевски од Скопје, СЕ УВАЖУВА. Пресудата на Управниот суд УРП.бр.43/2019 од 27.01.2020 година, СЕ ПРЕИНАЧУВА И СЕ ОДЛУЧУВА. Се одлучува: Тужбата на тужителот Ѓорѓи Илиевски од Скопје, СЕ УВАЖУВА. И понатака стои: Одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата бр.12-2682/32 од 17.09.2019 година, СЕ ПОНИШТУВА. И стои дека е пресудено во Вишиот управен суд на ден 20.01.2021 година, под УРПЖ.бр.56/2020 година. Пресудата пристигна после сите рокови во период од скоро една година, од Скопје во Скопје? Зошто е тоа така, сепак треба да одговорат во самиот суд. Но, што е важно. Важно е дека во образложението стои: „Управниот суд со Пресуда УРП.бр.43/2019 година тужбата на тужителот Ѓорѓи Илиевски од Скопје, изјавена против Одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата бр.12-2682/32 од 17.09.2019 година, ја одбил како неоснована“.
Против пресудата на Управниот суд жалба изјави тужителот, поради суштествени повреди на одредбите на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право. Предлага жалбата на тужителот да се уважи, пресудата на Управниот суд да се врати на повторно одлучување пред првостепениот суд. Вишиот управен суд, по извршениот увид во списите на предметот и наводите во жалбата… најде: Жалбата на тужителот е основана… Вишиот управен суд утврди дека Управниот суд донел незаконита одлука со која тужбата на тужителот ја одбил како неоснована.
Посебно сакам да подвлечам, а тоа многу ми значи и сум горд дека: „Вишиот управен суд најде дека пресудата на Управниот суд е неправилна и незаконита“.
Почитувани читатели, секако си го поставувате прашањето: Зошто давам толкаво големо значење на оваа Пресуда на Вишиот управен суд.
Почитувани, горд сум затоа што вие читателите во таа 2019 година, ми дадовте целосна подршка да издржам, пишувавте петиција со над 5.000 потписи, под наслов; „Стоп за криминалот и корупцијата“, незаборавна и силна подршка што ми ја дадоа новинарите од печатените и електронски медиуми во Република Македонија, како и Марк Ворт од Коалицијата за Југоисточна Европа за заштита на укажувачи (повеќе види на https://www.whistieblower.mk/), амбасадите во Македонија, посебно би го издвоил поранешниот француски амбасадор Кристијан Тимоније, тука се Заменик Народниот правобранител, Транспарент Интернешенл Македонија, Хелшинскиот комитет во Македонија и други.
Почитувани, само да ве потсетам за тие настани:
Согласно Годишната програма на Државниот просветен инспекторат се изврши редовен инспекциски надзор на ден 01.04.2019 и 12.04.2019 година на Државниот универзитет во Тетово на Правниот факултет, во делот на постапки за избор во наставно-научни звања. При инспекцискиот надзор констатирав незаконско унапредување на јавни функционери во наставно-научни звања и тоа на лицата Арбер Адеми (министер за образование и наука- сега пратеник во Собранието на Р.Македонија и тоа за европски прашања, м.з.катастрофа), Агим Нухиу (заменик министер за внатрешни работи – сега заменик министер за правда, м.з катастрофа) и Сафет Емрули (Директор за индустриска сопственост, м.з катастрофа).
Унапредување на овие актуелни функционери во наставно-научни звања се случува за време на мирувањето на нивниот работен однос , со што се унапредени во повисоко наставно-научно звање, а исто така и склучиле договори за интелектуални услуги-авторски хонорари за вршење на настава. Спротивно на законската регулатива. И злоупотреба на парични средства/реализирани исплати на надоместоци на јавни функционери во својство на ангажирани лица на Државниот универзитет во Тетово- Правен факултет Тетово.
На овие незаконски унапредувања, врз мене се врши притисок, мобинг од страна на директорот на државниот просветен инспекторат Томе Спироски и од Главниот инспектор Африм Саљиу, како и од Арбер Адеми и Агим Нухиу. Со оглед на фактот дека случувањата се од јавен интерес од утврдената фактичка состојба е доставена преставка-предмет до Државната комисија за спречување на корупција заведена под бр.12-2682/1 од 13.05.2019 година, за незаконското унапредување на јавните функционери во Владата на Република Македонија, врз основа на ова е оформен предмет со бр.12-2682 од 2019 година.
Поради мојата непослушност, а да ме „дисциплинираат“ директорот и главниот инспектор покреваат Дисциплинска постапка на ден 05.07.2019 година и формираат Комисија во состав: Валерија Атанасова-претседател на комисијата за нејзината улога е унапредена (сега советник во општина Аеродром), Антоанела Стојаноска унапредена во раководител на прилепско-битолскиот регион, Бесим Алија унапреден во раководител, Хермина Николовска-привилегирана на работното место, Џавит Сулејмани-сват на Африм Саљиу, Добрила Черкезова и Гоце Крајчески-подлизурко на директорот Томе Спироски. Државниот просветен инспекторат за оваа дисциплинска постапка ангажира адвокат. Каква ступидност?! И тоа адвокат Стојанче Геровски. Не се знае колку му е исплатено од Државниот просветен инспекторат?! По мое барање на дисциплинската, не им беше дозволено да присуствуваат новинарите од страна на претседателот на комисијата Валерија Атанасова (сегашен советник во општината Аеродром). Но затоа присуствуваа Јован Андоновски-заменик народен правобранител, Мерита Алији-советник од Народниот правобранител, Вилдан Дрпљанин од Хелшинскиот комитет за човекови права, како и мој адвокат. (Повеќе за ова во мојата книга: Tрулеж на системот во Македонија, издадена 2020)
Поведената дисциплинска постапка, поведена од Државниот просветен инспекторат целосно ја утнаа, иако им беше укажано, дека надлежност е на Инспекцискиот совет , а не на Комисијата на Агенцијата за администрација…Цел им беше да ме „скршат“ но силината, духот не можеа да ми го скршат. УСПЕАВ затоа сум горд и продолжувам понатака, кон откривање на сите образовни криминали…
За својата професионална работа Заменикот народен правобранител Јован Андоновски беше санкциониран, од поранешниот Народен правобранител Иџет Мемети (сега вработен во Советот на јавни обвинители,м.з катастрофа).
Почитувани, затоа сум горд на оваа ПРЕСУДА, садисфакција, дека правдата, вистината е на моја страна и затоа Државната комсисија за спречување на корупција треба да ја преиспита својата Одлука бр.12-2682/32 од 17.09.2019 година и да постапи по УРПЖ.бр. 56/2020 година.
На потег е ДКСК.
Автор: Ѓорѓи Илиевски Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес