Пресуди, закани и забрани уште долго ќе ги ограничуваат медиумските слободи

За кус период од владеењето, покрај ветуваните медиумски слободи и соодетен третман на новинарите, сведоци сме дека ниту новата власт не умее да се справи со различните форми на протисоци врз новинарите од страна на разни моќници.

Откако беа пресудени глоби и условни казни за објавен и недемантиран или побиен текст во неделникот Република, за кусо време, следеа и закани и навреди од партиски функционер во владејачка партија за првиот човек на новинарскиот еснаф, откако Насер Селмани доби закани и навради од фунцкионер на ДУИ поради јавна критика на тоа како Министерството за внатрешни работи го „реши“ инцидентот на Бекир Асани и полицајката поврдена од „пајакот“.

Поради тоа во неделата новинарските асоцијации се организираа на протест и следеше уште еден пораз на медиумите. Најновата емисија од гледаниот проект КОД, на истражувачкиот тим воден од Снежана Лупевска Созен, иако претходно најавен, не беше емитувана поради делови кои мне му се допаднале на еден од субјектите на кои се однесуваа темите и за тоа влијаел кај сопственикот на медиумот.

Новинари во понеделникот протестираа пред Владата. Новинарите носеа транспаренти на кои беше испишано „Копилињата нема да стивнат“, „Слободните медиуми не може да бидат замолчени“, „Пајакот убива, зарем не?“. Селмани порача дека новинарите постојано се изложени на закани и притисоци и се спроведува цензура по телевизиите.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис изјави дека нападот врз Насер е напад на сите новинари и побара полициска заштита за него и пристапување на Обвинителството. Протестите беа во организација на ССНМ.

За волја на вистината на протестот се појавија и Роберт Поповски, министерот без ресор и портпаролот на владата, Миле Бошњаковски денеска протестираа заедно со новинарите пред Владата. Поповски на протестот истакна дека во име на сите коалициони партнери во владата го осудува овој вербален напад врз новинари.

„Оваа влада има нула толеранција за напад врз новинари. Никој нема да биде заштитен. Сите граѓани и медиуми имаат обврска слободно да си ја вршат работата. Но, не е владата единствената институција. Тука мислам на Јавното обвинителство затоа што министерството за внатрешни работи си ја заврши беспрекорно работата. Кога имате забелешки, чувство за притисок слободно информирајте не. Цензурата е забранета со Уставот на РМ“, истакна Поповски.

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари, кој пред некој ден беше вербално нападнат од претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Бекир Асани на протестот пред владата истакна дека денес не се таму зошто му се заканувале на него, туку зошто се малтретираат новинари.

„Се спроведуваат цензури во телевизиите. Новинарите се влечат по судови. Сакам да испратам неколку пораки. Најпрвин до владата на која и плаќаме даноци. Не прифаќаме објаснување дека во владата има добри и лоши дечки. Значи, не прифаќаме две влади. Оваа влада мора да ги замолчи насилниците, во спротивно ќе станат дел од таа приказна. Втората порака е до македонските граѓани. Ако сега бидеме замолчени, да знаете дека вие сте на ред. Бидете будни. Еден режим што испративме, нема да дозволиме да се воспостави нов. Утре ќе биде многу доцна“, истакна Селмани.

Испрати порака и до насилниците, на кои им порача дека не им се плаши.

„Не му се плашев на Груевски кога неговите силеџии ми се закануваа. Не им се плашам ниту на насилниците на ДУИ. Сега е време да се направи разлика, кој е со насилниците, а кој е за слободна Македонија. Уште една порака до моите колеги, да продолжат со работата, никој ништо не им може“, додаде Селмани.