Пресврт победа на Белгија

Големиот фаворит за првата позиција во групата „Х”, репрезентацијата на Белгија и покрај играта која не беше на потребното ниво, на крајот забележа среќен триумф од 2:1 во дуелот против одличниот тим на Алжир.

Големиот аутсајде дојде до неочекувано водство во 25 минута, кога крилниот напаѓач на Валенсија, Софиане Фегули, успешно го изведе ударот од белата точка.

Големиот притисок кој го наметнаа репрезентативците на Белгија во второто полувреме вроди со плод во 70 минута, а стрелец на израмнувачкиот погодок беше фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Маруане Фелаини.

Погодокот вреден три бода, постигнат во 80 минута беше дело на крилниот напаѓач на италијанскиот калчолигаш Наполи, Дриес Мертенс.

„Не направивме некоја посериозна грешка, само неколку помали, но на Мундијалот, секоја грешка скапо се плаќа.Во второто полувреме, младиот тим на Белгија ја покажа менталната сила, покажавме дека можеме да бидеме трпеливи, дека не се предаваме до последниот судиски свиреж. За време на паузата им кажав на моите фудбалери дека играчите од резервната клупа ќе ја направат потребната разлика и на крајот бев во право со таквата порака”, изјави селекторот на Белгија, Марк Вилмотс.