Претрес во Скопје, приведени тројца крадци, пронајдени пиштол, муниција и предмети од извршени кривични дела

Во петокот рано утрото во периодот од 05.40 до 06.30 часот на подрачјата на ЕВР Центар и Бит пазар и ЕВР Чаир, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Ш. на 40, Ф.В. на 26 и В.Р. на 20 години, сите од Скопје. Тие се сомничат дека извршиле повеќе кривични дела „тешка кражба“ во куќи, станови и правни лица на подрачјето на Скопје.

По наредба на судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, полициски службеници од СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција при МВР извршиле претреси на пет локации во Скопје.

При претрес во домот на А.Ш. биле пронајдени и одземени пиштол „глок 19“ со четири рамки и 33 куршуми калибар 9мм, ремен од автоматска пушка, ласерски нишан за пиштол и други предмети поврзани со кривичните дела.

Додека при претреси во домовите на Ф.В. и В.Р. биле пронајдени и одземени повеќе часовници од познати брендови и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичните дела.

Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави по член 236 и член 396 од Кривичниот законик.