Претседател ќе биде избран доколку гласаат најмалку 723.253 ибирачи

Во неделата се одржува вториот круг од претседателските избори, а право на глас имаат 1.808.131 избирач, кои можат да гласаат за еден од двајцата кандидати – Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, кои во првиот круг добија најголем број гласови, но не и потребното мнозинство од 904.066 гласови за тогаш да биде избран новиот шеф на државата.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5-ти мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик. Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.

Излезноста во првиот круг од претседателските избори од околу 42 отсто во првиот круг, и засилија стравувањата дека во вториот круг може да не биде остварен цензус или излезност на граѓаните од 40 отсто. Поради тоа, изминатиот период аналитичарите толкуваа што може да се случи ако не се постигне цензусот, да се распишат нови избори, да се смени Уставот за намалување цензус, или за избор на претседател во Собранието. До изборот на нов претседател, функцијата ќе ја извршува претседателот на Собранието, во случајов Талат Џафери.

Според уставните експерти, во случај на немање цензус ќе мора да се распишат нови избори и тоа во рок од 40 дена. Тие сметат дека по завршување на претседателскиот мандат Ѓорге Иванов никако не може да ја продолжи функцијата. За да не дојде до неисполнување на цензусот, во кампањата и кандидатите и партиските лидери ги повика граѓаните да излезат да гласаат.

На масовна излезност повика и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој порача дека доколку не биде постигнат цензус од 40 отсто, на 12-ти мај тој ќе треба да ја преземе функцијата шеф на државата. Во врска со распишувањето на повторените избори се повика на Изборниот законик, цитирајќи дека „од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена. Изборот за претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.

Претседателот на државата се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање со петгодишен мандат. За претседател на републиката исто лице може да биде избрано најмногу двапати. Претседателот мора да биде државјанин на Република Македонија и најмалку десет години во последните 15 годинии да бил жител на државата, а на денот на изборите да наполнил најмалку 40 години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.