Претседателката на турскиот синдикат е меѓу 15 приведени кои сакале да го одбележат 1 Мај

Турската полиција приведе неколку претставници на синдикати кои излегоа на улиците на Истанбул по повод Денот на трудот на 1 мај, и покрај забраната за движење воведена за борба против епидемијата на коронавирусот.

Околу 15 лица, меѓу кои и лидерот на големата турска синдикална конфедерација ДИСК, Арзу Черкезоглу, беа приведени денеска.

Приведените биле дел од група од околу 50 демонстранти, вклучително и пратеници од опозицијата. Групата тргнала на прошетка до истанбулскиот плоштад Таксим за да го прослави 1 мај.

Демонстрантите излегле со заштитни маски, но не ги почитувале правилата за физичка дистанца.

Турските власти воведоа строг карантин за населението во 30-те населени провинции, вклучително и Истанбул, од денеска до понеделник.