Претседателот Иванов го потпиша указот за Законот за амнестија

Указот за Законот за амнестија којшто пред три дена беше изгласан во парламентот е потпишан од претседателот Ѓорѓе Иванов и од вчера е веќе објавен во Службен весник.

Законот за амнестија предвидува дека откако ќе стапи на сила обвинетите за 27-ми април кои ги исполнуваат условите имаат рок од пет дена за да поднесат барање за амнестија.

Законот за амнестија го подготви телото за помирување, кое беше формирано по договор меѓу премиерот Зоран Заев и пратениците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, кои пак со своите гласови обезбедија двотретинско мнозинство за почеток на процесот за измена на Уставот согласно договорот од Преспа за промена на името на државата.

Како што е познато, четворица од овие пратеници се обвинети во случајот „27-ми април“ за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и државата“ за што е предвидена највисока затворска казна – доживотен затвор.