Претседателот Иванов не прифаќа решение за името ерга омнес

За претседателот Иванов не е прифатливо решение за името ерга омнес, велат од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

„Ставот на Претседателот Иванов е принципиелен, а воедно и конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија. Тој став е дека Претседателот Иванов не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес“, велат од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Оттаму информираат дека претседателот Иванов во текот на утрешниот ден ќе го прими министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Реакцијата на шефот на државата доаѓа откако додека македонската влада не открива детали, нивните колеги во Атина бараат трпение од тамошната јавност, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и грчките медиуми објавуваат конкретни точки од планот за решавање на спорот со името. Македонското министерство за надворешни работи засега нема никаква реакција за објавениот план.

Според планот што го објавија грчките медиуми, но и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, доколку двајцата премиери постигнат договор, ќе го потпишат на почетокот на месецов во Преспа. Договорот ќе треба да мине во Собранието, за што ќе биде потребно мнозинство од 61 пратеник. Доколку договорот мине во македонското Собрание, Грција ќе испрати писмо до НАТО за да одобри прием на Македонија во НАТО и писмо до ЕУ за поддршка за почеток на преговорите.

На 28-ми јуни премиерот Заев ќе биде поканет на самитот на ЕУ официјално да го прими датумот за почеток на пристапни преговори. На 11/12 јули Скопје ќе ја прифати официјалната покана за НАТО.

Според планот референдум за името би се одржал во октомври, со кој Заев ќе треба да покаже дека мнозинството граѓани ја прифаќаат рамката за промена на името. Договорот за промена на името ќе дојде за гласање и пред грчкиот парламент, по што ќе почне процесот на ратификација во другите земји членки на НАТО.