Претседателот Иванов со Орден ја одликуваше Агенцијата за разузнавање

Претседателот истакна дека благодарение на издржаните анализи на Агенцијата за разузнавање и истражувања на податоците и информациите, државниот врв може да носи одлуки за доброто на граѓаните и на државата.

Агенцијата постојано нè информира за процесите што генерираат закани по националната безбедност и потрајните и витални вредности. Со тоа Агенцијата ни помага да носиме одлуки во насока на воспоставување стабилно безбедносно опкружување и одржлив развој на долгорочен план. Во овие 20 години, Агенцијата помогна да избегнеме многу погрешни одлуки, но и полесно да ги пребродиме најголемите премрежија со кои сме се соочиле како држава, рече претседателот Иванов.

Денес, во третата деценија на независноста на Република Македонија, потенцира Иванов, нашето стратегиско безбедносно опкружување одново се менува.

Преку раното предупредување, процените, прогнозите и благовремените информации, Агенцијата за разузнавање на Република Македонија ни помага да ги превенираме заканите и да ја чуваме независноста, сувереноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на свеченоста, по повод одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на Агенцијата за разузнавање.Недоволното присуство на Европската Унија придонесе кон ретроградни процеси во нашиот регион. Сведоци сме на отворено мешање во внатрешните работи на државата. Се менува и геополитичката слика на светот. Имаме нови закани и нови ризици. Илегалната миграција, насилниот екстремизам, странските терористички борци и транснационалниот организиран криминал се само дел од бројните предизвици со кои секојдневно се соочува Република Македонија, посочи претседателот Иванов.

Благодарение на разузнавачко-безбедносен систем, чиј важен дел е Агенцијата за разузнавање, Македонија успева да се соочи и да ги менаџира сите предизвици, рече претседателот Иванов. Македонскиот претседател порача дека Агенцијата за разузнавање треба да продолжи со уште поголема ревност, професионално да ги извршува своите законски обврски и да продолжи со остварувањето на основните државни интереси на Република Македонија и на нејзините граѓани.

Претседателот Иванов, по повод 20 години од основањето, ја одликуваше Агенцијата за разузнавање на Република Македонија, со орденот „Илинден-1903 година“, како еден од основните сегменти на разузнавачко-безбедносниот систем на државата, во зачувувањето и јакнењето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија.