Претседателот на Никарагва исчезна од јавноста цел месец

Левичаркиот претседател на Никарагва, 72-годишниот Даниел Ортега, веќе цел месец не се појавил во јавноста, па многумина во оваа централноамериканска земја се сомневаат дека е сериозно болен.

Ортега последен пат се појави јавно на 12-ти март, кога преку видео се обрати од својата соба, а владата на Никарагва одбива да изнесе каква и да е информација за тоа каде е претседателот на државата и каква е неговата здравствена состојба.

Херојот на никарагванската револуција од 1980-те години претрпе два срцеви удара, има висок холестерол и други здравствени проблеми.

За поранешниот герилец Ортега ова не е првпат мистериозно да исчезнува, пред шест години неговото долготрајно отсуство од јавноста ги поттикна нагаѓањата дека дури можеби и починал. Тој и во 1998 година исчезна на неколку седмици, откако посвоената ќерка го обвини за злоставување, што тој го негираше.

Ортега беше избран за претседател во 1984 година, а по пет години ја напушти должноста, за во 2007 година повторно да победи на претсеседателските избори. Сегашниот мандат му истекува кон крајот на 2022 година.

Никарагва досега регистрирала седум случаи на зараза со коронавирусот и еден смртен исход, но експертите во регионот се сомневаат во овие показатели, бидејќи владата досега не објави податок колку тестови спровела. Никарагванските власти не воведоа социјално дистанцирање или други мерки за заштита против вирусот, за разлика од соседните Салвадор и Хондурас. Оваа земја и една од малкуте во светот каде што сѐ уште се игра и националното фудбалско првенство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.