Претседателот Пендаровски да стави вето на измените на Кривичниот законик

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побараа од претседателот Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера ги усвои Собранието.

Од Платформата велат дека Пендаровски треба да стави вето бидејќи, меѓу другото, промените во Кривичниот законик ќе водат кон застарување на многу случаи на висока корупција, како и дека ќе се демотивираат граѓаните да пријавуваат корупција.

„Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со: застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил; ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција; ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда. Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“, велат од Платформата.

Оттаму информираат дека доставиле и официјално писмено барање до претседателот Пендаровски.

Со промените на Кривичниот законик се сменија делови од членот 353 каде што службените лица, кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, од досегашната казна од најмалку три години затвор, сега ќе се казнуваат со затворска казна од една до четири години, со што се поставува горна граница и се отвора можност за побрзо застарување на делата.

Дополнително во од Кривичниот законик се избриша ставот 5 од членот 353 во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата. Наместо тоа сега има став во кој стои дека „прибавената имотна корист се одзема“.

Во членот 353-в, кој ја опфаќа темата за несовесно работење во службата, се менува висината на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета. Наместо досегашните најмалку три години затвор, сега се пропишани од шест месеци до пет години затвор.

Ќе има и пониски казни за злосторничко здружувањепа наместо досегашните казни од една до десет години затвор со промените за ова кривично дело ќе следува една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторски здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години ќе добиваат најмногу до две години затвор.

Предложените измени вчера беа под жестока критика на експертската јавност. Од Транпаренси Интернешнл – Македонија рекоа дека измените се обид за „тивка амнестија“, додека од Блупринт групата за реформи во правосудството велат дека последиците од ваквите законски измени ќе бидат погубни за борбата против криминалот и корупцијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.