Претседателот Пендаровски денеска ќе прими делегација на Македонците од Бугарија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе прими претставници на повеќе македонски здруженија од Бугарија. Средбата се одржува на иницијатива на организациите ОМО Илинден-Пирин и ОМО Илинден кои официјално не се регистрирани во Бугарија.

Во барањето испратено до македонскиот претседател на почетокот на годинава Македонците од Бугарија ја споменуваат и неодамнешната средба на бугарскиот претседател Румен Радев со претставници на неколку регистрирани здруженија на Бугари од Македонија и на една политичка партија.

Во писмото Македонците од Бугарија велат дека внимателно ја следат ситуацијата со напорите на Македонија за членство во ЕУ и велат дека безрезервно ги поддржуваат аспирациите на етничките браќа од Македонија за достојно место меѓу народите на демократска Европа.

„Сметаме дека постоењето на Македонци од двете страни на границата е предуслов за мост меѓу двете земји и народите во нив. Ова наше сфаќање не го делат властите во Република Бугарија, каде на ниту еден начин не сме застапени и не можеме да се изразиме. Властите во Бугарија демонстрираат ефикасна комуникација со самоидентификуваните како етнички Бугари во РСМ, што за нас е за почит, но необјаснив е односот кон нас. Пример за тоа е односот на самоидентификуваните етнички Бугари во РСМ и претседателот Румен Радев. Сметаме дека реципроцитетот би бил знак за еднаквост меѓу бугарскиот и македонскиот народ“, се вели во писмото до Пендаровски на раководствата на ОМО Илинден-Пирин и на ОМО Илинден.