Претседателот Пендаровски имаше средба со американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Прајс Агелер.

На средбата се разговараше за политичките случувања во земјата по формирањето на преодната Влада и во пресрет на изборниот процес, како и за севкупниот развој на билатералните односи меѓу двете држави.

Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека Северна Македонија во континуитет посветува посебно внимание на развојот на пријателските односи и билатералната соработка со САД, при што беше истакнато дека тековниот Стратешки дијалог е можност за конкретизирање на нашата соработка во сите сфери од заемен интерес.

Претседателот Пендаровски ја истакна важноста на американската поддршка за продолжување и интензивирање на реформскиот процес во контекст на реализација на европските аспирации на државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.