Претседателските избори на 23 март?

Роковите за спроведување на гласањето засега се поизвесни од тоа кои кандидати ќе влезат во главниот изборен дуел

Големи се шансите петтите претседателски избори да се одржат на 23 март или на 30 март в година, пишува Утрински весник.

Весникот анализира дека според извори од парламентот,  овие две дати се најоптималните термини за спроведување на редовниот изборен циклус што претстои, така што реална е можноста веќе во јануари, по божикните празници, спикерот Трајко Вељаноски да ги распише изборите. Со тоа би се исполнило правилото од Изборниот законик, кое предвидува од распишувањето на изборите до нивното одржување да поминат најмалку 70 дена, но не повеќе од 90.

Изборите за шеф на државата треба да се спроведат во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател. Ѓорге Иванов беше инаугуриран на 12 мај 2009 година. Според тоа, можните термини за одржување на првиот круг гласање се од средината на март до 20 април.

Поради тоа,  посочува Утрински како најсоодветни термини за гласање се споменуваат двете последни недели од март, бидејќи така ќе се избегне вториот претседателски круг да се спроведува за време на државен празник. Според таа динамика, кандидатурите за шеф на државата би требало да се официјализираат, односно да се достават до ДИК околу 20 февруари, а кампањата би почнала во првата декада на март. Дотогаш парламентот ќе треба да ги донесе измените во Изборниот законик, кој се’ уште не е влезен ниту во владина процедура, бидејќи за него се води расправа во партиски мешаната работна група.

„Иако времето до изборите гази, засега се чинат извесни само роковите за одржување на изборите, а не и кои кандидати ќе влезат во главниот изборен дуел. Професорот Јове Кекеновски се обиде вчера да го прекрши молкот што владее околу претседателските избори, најавувајќи номинација за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Но, според информациите, мали се шансите токму Кекеновски да биде избор на врвот на владејачката партија. Се очекува, раководството на ВМРО-ДПМНЕ да излезе со друга личност, која, наспроти Кекеновски, би барала поддршка од партиските делегати на конвенцијата. Најголеми шанси им се даваат засега на актуелниот шеф на државата Иванов, кој, според некои информации, котира најдобро во сондажите на јавното мислење и на претседателот на 62. Генерално собрание на ОН, Срѓан Керим, кој е второрангиран, ама поминува значително подобро кај припадниците на помалите етнички заедници, чии гласови би можеле да бидат одлучувачки во вториот круг. Но, не се исклучува ниту можноста владејачката партија и овој пат да приреди изненадување, по принципот од 2009 година, односно да излезе со кандидат чие име не се споменува засега во „политичките обложувалници“, анализира весникот.

 

Од СДСМ најавија првично дека ќе го објават името на својот фаворит до крајот на овој месец. Но, според последните информации, можно е опозицијата да почека сепак уште малку – можеби додека ВМРО-ДПМНЕ не пресече дали ќе му даде уште една можност на Иванов или ќе оди со друго решение.

Извори од СДСМ објавија неодамна дека „тестираат“ осуммина можни кандидати за шеф на државата. Сепак, најмногу комбинаторики се вртат околу професорот Стево Пендаровски, кој им беше советник во претседателскиот кабинет на Борис Трајковски и на Бранко Црвенковски. Пендаровски, кој котира убедливо најдобро во анкетите, во споредба со другите можни кандидати од опозициските редови, не се изјаснува засега дали има амбиција да се вклучи во претседателската трка, тврди весникот.

Минатите претседателски избори се одржаа на 22 март, а вториот круг беше на 5 април. Првиот парламентарец Вељаноски ги распиша изборите на 10 јануари, а двете најголеми партии ги открија своите фаворити веднаш по божикните празници. Љубомир Фрчкоски од СДСМ и актуелниот претседател Ѓорге Иванов, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, се најдоа во изборниот ринг со уште петмина кандидати. Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која Иванов беше и формално избран за претседателски кандидат, се одржа на 25 јануари.