Претседателските кандидати го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори

Ден пред официјалниот почеток на кампањата за шестите Претседателски избори, во неделата кандидатите за претседател на државата Блерим Река, Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.

Блерим Река по потпишувањето на документот порача дека тројцата кандидати добро се познаваат и сите се колеги, универзитетски професори и затоа, како што рече, не очекува дека претседателската трка ќе биде трка за живот и смрт, туку ќе биде трка која можеби ќе отвори нова страница во изборната историја.

„Влегуваме во едно ново искушение за државата и мислам дека не е главно кој ќе победи, туку е важно резултатот да биде законски и регуларен и со тоа да обезбедиме датум за почеток на преговори со Европската унија“, истакна Река.

Им посака успех и на неговите двајца противкандидати и додаде дека ќе победи тој што е најдобар, но нагласи дека е најбитно што ќе се ги исполнат обврските од Кодексот што го потпишаа.

Гордана Силјановска Давкова посочи дека претстојните претседателски избори се исто толку важни, а можеби и поважни од правото и правда заради што, додаде, строго ќе се држат до нив.

„Соучесниците на изборите не ги сметам за непријатели, а нам жените не ни приличи да не ја почитуваме етиката. Иако сум жена очекувам витешка борба со аргументи, а не со византиски игри и се надевам дека последниот збор ќе го имаат граѓаните“, рече Силјановска Давкова.

Стево Пендаровски посочи дека е добро што потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори конечно стана пракса што никој не ја спори.

“Иако сме биле сведоци на претходни изборни процеси во кои едно се потпишувало, а друго се правело во мое име, а убеден сум и во името на моите формални противкандидати, можам да гарантирам дека ова што денеска го потпишавме и практично ќе го спроведуваме на дело. Тоа значи обврска и за политичките структури и граѓаните кои ќе не поддржуваат. Немам никакви дилеми дека ние тројцата ќе направиме се да останеме во рамки на една демократска борба каква што доличи на една држава што е де-факто членка на НАТО и очекувам наскоро да стане и членка на ЕУ’, рече Пендаровски.

Ѝ поскака на целата држава успешни, фер, демократски и транспарентни избори за, како што рече, да можеме да напредуваме во интеграциите, а воедно им посака успех на неговите противкандидати во текот на изборната кампања и во изборниот ден.