Претседателските кандидати, Река, Сиљановска–Давкова и Пендаровски денес се соочија во дебатната емисија „Детектор“ на ТВ Сител

Претседателските кандидати, Блерим Река, Гордана Сиљановска–Давкова и Стево Пендаровски денес се соочија во дебатната емисија „Детектор“ на ТВ Сител. Во 80 минутната дискусија говореа за своите програми, но и за темите кои се произлезени од истражувањата на јавно мислење што за „Детектор“ ги направи Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), а тоа се, меѓуетничките односи, Преспанскиот договор, интеграциите, приоритетите, прашањето за амнестија и аболиција, партиските влијанија и условите за фер избори.

На првата поставена тема која се однесуваше на пораките со кои сакаат да ги привлечат гласачите, претседателските кандидати ги изложија следниве ставови:

Фокусот на мојата претседателска програма останува „Република за сите“, со законот над сите и ќе има два приоритета. Првиот, како до мултиетничка република, која може да е модел со сите рамноправни граѓани кои ќе го почитуваат уставот и законот, и вториот е како до евро-атланска република, односно како да се потрудиме што побрзо да го добиеме датумот за евроинтеграции, истакнува Блерим Река.

„Она што сум успеала во личниот и професионалниот живот одамна, да бидам во ЕУ, ќе го направам и со Република Македонија, и тоа преку реформи кои што ќе бидат во функција на владеењето на правото. Ќе им се обратам на жените бидејќи ова е шанса да покажеме дека можеме на поинаков начин да управуваме, до неопределените, разочараните од сегашната власт, па дури и до оние кои имаат намера да ги бојкотираат изборите“ – посочува Гордана Сиљановска–Давкова.

На државата ѝ е неопходна внатрешна кохезија, што е во склад со мојот слоган „Заедно напред“. Значи, треба да ги оставиме зад нас сите поделби по етничка, верска  и политичка линија и да се договориме околу една, две или најмногу три работи што се исклучително важни за нас и нашата држава. Резервна татковина немаме, а во неа ќе бидеме со еднакви права, обврски и одговорности. Оваа земја мора да биде демократска и евроатлански интегрирана во ЕУ и НАТО, порачува Стево Пендаровски.

Во емисијата секој од претендентите за претседател на земјава ги доби истите прашања. Одговорите ги даваа во рок од една минута. По поставените потпрашања учествуваа во дебата во времетраење од шест минути за секоја од изложените теми.

Водителите на емисијата Славица Арсова и Иван Кузмановски беа модератори и не се вклучуваа во дискусијата на кандидатите со свои забелешки.

На следниот линк може да се проследи целата дебата: www.facebook.com/detektira/videos/462770934463242/

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.