Претставен преклопниот телефон на Huawei кој чини 2.600 долари

Кинеската технолошка компанија „Huawei“ на традиционалнот Светски мобилен конгрес (Mobile World Congress) во Барселона во неделата го претстави својот нов модел на паметен телефон под ознаката „Huawei Mate X“ со преклопен екран, кој поддржува 5G комуникациски стандарди, а според најавите ќе чини меѓу 2.300 и 2.600 американски долари.

Продажбата на овој модел ќе започне околу средината на 2019 година во земјите кои дотогпш ќе ја развијат мрежата од петтата генерација. Паметниот телефон на „Huawei“ е зајакнат со мултифункционалниот 5G модем Balong 5000. Обемот на оперативната меморија на уредот е 8 GB, а капацитетот на картичката за скалдирање е 512 GB.

 

Моделот „Huawei Mate X“ во себе ги комбинира функциите на паметен телефон и таблет. Кога е преклопен има два екрана со 16,8 и 16,2 сантиметри во дијагоналата, а кога е отворен има еден екран чијашто дијагонала изнесува 20,32 сантиметри.

Компанијата на социјалната мрежа Weibo соопшти дека нејзиниот нов мобилен телефон ќе се полни многу брзо, достигнувајќи 85 отсто од капацитетот на батеријата за половина час. Покрај тоа, уредот има и механизам за заштита на корисничките податоци со помош на шифрирање.

 

Претходно во средата јужнокорејската корпорација „Samsung“ го претстави својот модел паметен телефон со екран на преклопување на саемот во Сан Франциско. Уредот „Galaxy Fold“, во режимот кога ќе се користи како смартфон има екран со дијагонала од 11,7 сантиметри, а во форма на таблет со дијагонала од 18,5 сантиметри. И овој уред поддржува пристап до мрежите од петтото поколение 5G. Има меморија од 12 GB, а капацитетот за складирање изнесува 512 GB.

„Huawei Technologies“ е една од најголемите светски телекомуникациски компании. На крајот од 2018 година, компанијата беше меѓу првите пет во снабдувањето на глобалниот пазар со мобилни уреди, заедно со другите две кинески компании „Xiaomi“ и OPPO. Минатата година „Huawei“ испорачала 206 милиони паметни телефони, што претставува зголемување за 33, 6 отсто, при што нејзиниот удел на пазарот се зголмил на 14,7 отсто во однос на 10,5 отсто во претходната 2017 година.