Претставници на граѓаните на Бардовци имаа средба со шефот на ЕУ во Македонија

Вчера шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, ја прими тричлената делегација на граѓаните од Бардовци кои веќе втор месец протестираат пред институциите или блокираат крстосници, за да го дигнат својот глас и да порачаат дека мора да се сопре со изградбата и да се дислоцира Прифатниот центар за странци во непосредна близина на нивните домови.

Ова е прва официјална средба на незадоволните граѓани. До сега ниту еден од македонските политичари немаше доблест да ги прими и да поразговара за нивниот проблем. Иако, до сега се испратени официјални писма, барања за средба до премиерот, министерот за внатрешни работи, како директен корисник на објектот, сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, до сè уште актуелниот градоначалник на Општина Карпош и до сите советници во Општината.

„За разлика од неофицијалните средби, институциите немаат слух за своите граѓани. На средбата со шефот на делегацијата на Европската Унија, претставниците на Бардовчани, детално го запознаа со актуелната состојба, со незадоволството на граѓаните и му беа доставени повеќе од 1600 потписи на граѓаните кои се против изградбата на овој центар. Европската унија финансиски ја поддржува изградбата на објектот со 1.5 милиони евра. Договорен орган е Делегацијата на Европската Унија, a корисник е македонското Министерството за внатрешни работи“, велат од делегацијата на граѓаните на Бардовци.