Од Министерството за правда информираат дека министерот за правда Никола Тупанчески ги прими на разговор претставниците на Независниот синдикат на судската полиција на која беше информиран за барањата на судската полиција за зголемување на платата за 15%. Договорено е најдоцна до крајот на неделата да се воспостави комуникација со Министерството за финансии околу обезбедувањето на финансиски средства.
-Министерството за правда ќе стори се што е во негова надлежност за подобрување на материјалната состојба на вработените во судската полиција, велат оттаму.
Средбата на судската полиција со министерот за правда Никола Тупанчески следува откако претходно денеска членовите на Синдикатот протестираа во главниот град изразувајќи го своето незадоволство за состојбата во која се наоѓаат.
„Нема да дозволиме судската полиција да остане на маргините на судството. Достоинството пред сè“, стои во фејсбук-објавата на Независниот синдикат на судската полиција.