Претставник од СЗО призна – Шведскиот модел најуспешен, карантинските мерки се „тап инструмент“…

Еден од шесте специјални претставници на Светската здравствена организација (СЗО) за коронавирус, доктор Давид Набаро го пофали пристапот на Шведска во борбата против пандемијата и рече дека тоа е модел што треба да го следат сите земји.

Говорејќи во радио-емисија во Нов Зеланд насловена „Меџик ток“, Набаро рече дека сите земји треба да се стремат да се борат против вирусот врз основа на однесување кое е прифатено насекаде, пренесува „Блумберг“.

Тој додаде дека клучот за успешна борба против коронавирусот е довербата и ја посочи Шведска како најдобар пример.

Шведска никогаш не воведе строги ограничувања и карантин како повеќето земји во светот, но се потпира на фактот дека граѓаните ќе се однесуваат одговорно и ќе ги следат упатствата на надлежните здравствени власти.

„Во Шведска, владата имаше доверба во граѓаните, а граѓаните во владата“, објасни Набаро.

Стапката на смртност од коронавирус во Шведска е сè уште повисока отколку во многу земји, со 57 смртни случаи на 100.000 жители. Сепак, стапката на раст на нови случаи и на нови починати значително забави од крајот на јуни. Здравствените власти затоа предложија да се зголеми бројот на луѓе дозволен на јавни собири од 50 на 500, пишува „Блумберг“.

Од друга страна, многу влади ширум светот повторно воведуваат построги мерки поради зголемениот број на нови случаи.

Набаро ги опиша карантинските мерки како „тап инструмент“ што „им штети на сите, особено на сиромашните и на малите претприемачи“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.