8.8 C
Skopje
понеделник, ноември 29, 2021

Превозникот вршел превоз на диво можеби со денови, а можеби со месеци – во автобусот не смеело да се чува друго гориво, вели Дујовски

159

Се врши редовен или вонреден инспекциски надзор, тој надзор, особено вонредниот надзор нам многу ни недостига. Не само во јавниот превоз со автобуси, туку и во сите други. И возачите на такси возила се соочуваат со силна нелојална конкуренција, дури не можат да си ги вршат основните дејности согласно законите, затоа што другите кои апсолутно нерегулирани учествуваат во сообраќајот и ние преку сето тоа поминуваме, префрлајќи ја одговорноста од министерство на министерство, од инспекторат до инспекторат. Надвор од државата, нелиценциран превоз на патници вршат огромен број на возачи на возила кои имаат до 8 патници, со Б категорија, ова вчера во емисијата „Топ Тема“, го истакна професорот Никола Дујовски кој е декан на Факултетот за безбедност во Скопје.

-Имаме ситуации во кои легалниот јавен превоз во Македонија зазема едвај една третина од вкупниот превоз. По помалите населени места, особено во северозападниот и северниот дел на државата има толку нерегистрирани возила за јавен превоз на патници, што оние регистрираните дури не се забележуваат и ги нема, линиите повеќе и да не постојат. Затоа мора веднаш да ја научиме оваа лекција и конечно да преземеме нешто. Превозот на патници е сериозна гранка, таа овозможува и развој на индустријата и се друго но, кај нас за жал е нерегулирана. Дали е проблем во законите? Веројатно да. Дали проблем во координацијата помеѓу службите? И тоа да, вели Дујовски.

Тој додава дека не може МВР да се изземе затоа што тоа е овластување на Државниот инспекторат за транспорт.

– Кога премиерот Заев кажа дека корупцијата не е само кај министрите, ние сите го премолчевме тоа, или со неверување кажавме дека не е точно дека во пониските ешалони има корупција. Треба да се запрашаме, навистина, кој и под кои услови работи во безбедноста во сообраќајот, затоа што еве гледаме вакви настани ни се случуваат на секои 2 до 3 години и ние имаме тешки, сериозни катастрофи кои оставаат последици, а немаме одговор на ниту едно прашање. Премногу сме оптеретени со политика и политички теми, премалку простор посветуваме на професионализацијата на општеството. Ова се суштински дејности во државата и мислам дека и медиумските куќи мора попосветено со овие прашања да не ни се случува да зборуваме токму два-три дена кога ќе се случат вакви катастрофи, особено затоа што ретко кој знае за Државниот инспекторат за транспорт – не ги знаеме ни овластувањата, ни што работат ни како работат, вели Дујовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.