Македонија

Презентиран мултиплатформскиот систем за колаборација за е-седница

Презентиран мултиплатформскиот систем за колаборација за е-седница

Со цел поедноставување и забрзување на процесот на креирање и менаџирање на информации и елаборати, а во рамките на системот Е-влада, денес беше презентиран мултиплатформскиот систем за колаборација за е–седница, според кој ќе функционира и работи Владата на Република Македонија.

Системот го изработи компанијата Некстсенс, која се занимава со изработка и имплементација на е-владини решенија, со кои што значително се унапредува ефикасноста и транспарентноста во работењето на институциите во јавниот сектор.

Според министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, системот е прв од ваков вид не само во регионот, туку и пошироко и нуди поголема флексибилност и ефективност на членовите на владата.

„Мултиплатформскиот систем за колаборација за е–седница ќе се стави во употреба во рок од шест месеци. Ефикасноста ќе биде овозможена на тој начин што веднаш ќе се познаваат измените на текстовите, главниот автор на текстот ќе може веднаш да ги одобрува новите верзии, а сето ќе биде автоматски, со што ќе се избегне можноста некој да ги деселектира. Предноста на овој систем е што тој нуди можност за вклучување и на експерти однадвор, од која било точка во светот,“ рече министерот Ивановски.

Според заменик претседателот на Владата за економски прашања, Владимир Пешевски, технички и технолошки ова претставува најсовремен систем што може да се направи во ИТ компаниите. Неговата предност е што повеќе нема да мора да се работи само од персонален компјутер, туку и од други уреди како што се таблети, паметни телефони и сл.

„Сигурни сме дека по целосното спроведување на проектите од програмата и исполнувањето на Стратегијата за е-Влада, во чии рамки е и системот за е-седница, ќе се придонесе за многу поефикасна и потранспарентна администрација, а воедно овие достигнувања очекуваме дека ќе бидат особено признаени од страна на Европската Унија во рамките на евроинтегративниот процес на Република Македонија,“ додаде вицепремиерот Пешевски.