Преживеаните сведочат за пеколните моменти – се бројат загинатите, се бараат исчезнатите по железничката несреќа во Грција

Два воза, едниот товарен, другиот патнички, со околу 350 патници, околу десет минути, со голема брзина се движеле на иста шина, но не еден зад друг, туку еден кон друг, едниот кон Солун од Атина, другиот од Солун кон Атина, со резултат директниот судир да биде неизбежен, животот да го загубат најмалку 36 лица, а Грција да живее една од најголемите железнички несреќи во последните најмалку 50 години.

Причините за несреќата се непознати, прашањата неодговорени, барем засега, а преживеаните сведочат за пеколните моменти низ кои поминале.

Од друга страна, родители и роднини ги бараат нивните најблиски кои биле во возот, а над 12 часа по несреќата немаат контакт со нив, ниту пак информации дали се повредени, загинати, исчезнати.

Според она што е досега објавено во медиумите во Грција, околу 23.30 часот синоќа, патник преку европскиот број за итни случаи 112 информирал за несреќата, по што веднаш биле мобилизирани сите засегнати служби.

И три часа по несреќата иако сите стравуваа дека може да станува збор за голема трагедија, сепак не постоеше официјална потврда за бројот на загинати.

Возот во 19.22 часот тргнал од Атина за Солун. На станицата во Лариса, возот направил (принудна) пауза, а патниците биле информирани дека ќе останат 15 минути и веројатно ќе стигнат во Солун подоцна од планираното.

– Додека пристигнувавме во Лариса, ни беше соопштено дека постои проблем на линијата и ќе биде потребно да направиме пауза 15 минути. Подоцна, откако повторно тргна возот, слушнавме силна бучава. Се скршија прозорците и навлегуваше чад од пожар, раскажа за радиото на грчката новинска агенција „Практорио ФМ“ еден од преживеаните патници.

Полесно повредени се оние кои биле во последните вагони, додека пак во првите три, ситуацијата со која се соочиле спасувачите била застрашувачка.

Според портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис, меѓу првите три вагони е и вагонот- ресторан, кој поради јачината на судирот се превртел врз други два вагони и се запалил.

– Треба да се нагласи дека во конкретниот вагон избувнал пожар и се развиле особено високи температури кои достигнале дури 1.300 степени Целзиусови, факт што ја отежнува идентификацијата на луѓето кои биле внатре, рече Ватракојанис.

Тој објасни дека со помош на специјалните кранови, конкретниот вагон бил отстранет и проверен, а акцијата продолжува со пребарување во останатите два вагони.

Дел од спасувачите за грчките медиуми велат дека местото на несреќата наликува на воена зона.

Во возот имало голем број студенти, кои биле на продолжен викенд и се враќале или дома или во универзитетскиот кампус.

Освен загинатите и повредените, судејќи според апелите на социјалните мрежи и во медиумите, постојат и исчезнати. Меѓу нив се и двајца студенти од Кипар, во два одвоени случаи, родителите на едно момче и една девојка бараат информации за нивните деца кои биле во возот.

Бројот на исчезнати останува непознат, а според официјалните податоци во патничкиот воз имало 342 патници, десет членови на екипажот, а во товарниот имало две лица.

Околу 200 преживеани во текот на ноќта со автобуси биле пренесени во Солун, 36 лица загинаа, а 72 се хоспитализирани.

Паралелно, во тек е и процесот на идентификација на оние кои ги загубија животите, со оглед на тоа дека меѓу загинатите постојат и јагленосани тела.

Во рамките на прелиминарната истрага за причините за несреќата уапсено е едно лице, односно одговорниот на железничката станица во Лариса.

Местото на несреќата го посетија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателката на Грција Катерина Сакеларопули, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, како и претставници на политичките партии.

Со одлука на Мицотакис, во Грција е прогласена тридневна жалост, знамињата на сите јавни објекти се на половина копје и одложени се сите јавни настани.

Ова е трета несреќа кај месноста Темпи во изминатите 24 години. Претходните две несреќи се случиле на автопатот. Првата во 1999 година кога автобус со навивачи на фудбалскиот клуб ПАОК се судрил со камион и седум лица го загубиле животот, а втората, во 2003 година, кога автобус со ученици се судрил со камион со 21 загинат.