При реставрација на Ватикан откриени две непознати дела на Рафаел

Две платна на масло од италијанскиот ренесансен сликар и архитект Рафаел откриени се во текот на реставрирањето на една од 1.400-те простории на Ватиканските музеиј, кои сочинуваат извонредно важна музејска целина, а се наоѓаат во Ватиканската палата.

Се смета дека Рафаело Санти да Урбино ги насликал двата алегориски лика кои ги претставуваат „Пријателството и Правдата“ кусо пред својата смрт во 1520 година, на 37-годишна возраст.

Од Ватикан соопштија дека делата се пронајдени во една од Рафаеловите одаи, кои се наречени така бидејќи се украсени со величествените фрески на Рафаел. Првата меѓу нив е Константиновата соба (Stanza di Constantino) во која е претставена легендата за животот на Константин.

„Сигурни сме дека платната ги насликал големиот Рафаел“, изјави ватиканскиот музејски реставратор Фабио Пјачентини, а професорот Арнолд Неселрат, историчар на уметноста на Ватиканските музеи потврдил дека двете масла на платно се „многу поквалитетно насликани од другите дела“.

Историчарите на уметноста заклучиле дека Рафаел во Константиновата соба не успеал да доврши ниедна фреска, но до својата прерана смрт ги изработил сите цртежи. Првата фреска „Укажувањето на Крстот“, која ја претставува победат на Константин над Максенцик кај Рим во 312 година, ја насликал неговиот ученик Џулио Романо по смртта на Рафаел.

Реставрацијата на Рафаеловите одаи, којашто започна во март 2015 година, треба да биде завршен следната 2018 година.