При упадот во Конгресот на САД на Твитер имало 430 пораки во секунда

За време на упадот во американскиот Конгрес на приврзаници на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп вчера, на Твитер имало 23,46 милиони пораки, односно во просек 430 во секунда, објави денес порталот Визибрејн.

Инцидентот произведе 2,5 пати повеќе твитови отколку за време на претседателските избори на 3 ноември минатата година, наведува порталот.

Последните избори во ноември произведоа шестпати повеќе твитови од претходните, во 2016 година.

Твитер и Фејсбук привремено ги блокираа профилите на Трамп поради неговите пораки, а Твитер му се закани со трајно суспендирање на неговиот налог. Одлуката е донесена поради коментарите на Трамп, кои предизвикаа насилство при упадот на неговите приврзаници во Конгресот на САД.

Социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм ќе ја продолжат блокадата на профилот на американскиот претседател Доналд Трамп најмалку уште две недели додека не заврши трансферот на власта на новиот претседател Џо Бајден, објави Марк Закерберг, шеф на Фејсбук компанијата на која припаѓаат тие мрежи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.