Причината за актуелност на предметот „Талир“ е дефокусирање од поскапувањата, народот губи нерви

Поскапувања, поголеми давачки, зголемена сиромаштија и незадоволни работници. Тоа е сликата во која се наоѓаат Македонија и граѓаните во моментов. Цените од ден во ден вртоглаво растат и речиси да нема нешто што не е поскапено, од основни намирници за живот до цените на горивата.

Минималната потрошувачка кошничка за едно семејство, за само една година е повисока за 4.635 денари односно од 34.156 денари во мај лани на 38.791 во мај оваа година. Тоа сериозно ги загрози семејните буџети, имајќи предвид дека платите не го следат трендот на растење на цените.

Покрај основните намирници, граѓаните плаќаат драстично поскапо гориво, за прв пат во историјата бензинот и дизелот ја надминаа границата од 100 денари. Бензинот се продава за 110 односно 112 денари, додека дизелот е 104,5 денари. Во меѓувреме неколку пати порасна и цената на електричната енергија што ја повлече спиралата на инфлацијата, а најавено е уште едно поскапување за кое очекувањата се дека ќе биде повеќе од 10%. Познато е дека ако растат електричната енергија и горивата, растат и цените на се останато, што значи граѓаните ќе ги очекува уште еден ценовен шок.
Додека растат цените, власта не успева да најде решенија за кризата, и не само тоа, туку и оние минимални мерки кои беа воведени се укинати. Имајќи предвид дека не се реагираше навреме уште кога се знаеше дека ќе има криза, граѓаните губат надеж дека некогаш воопшто оваа власт ќе реагира и ќе им помогне.

Поради тоа револтот и незадоволството станаа се поголеми. Изминатиов период видовме повеќе штрајкови од образование до административци, а власта со популистичкото носење на минималната плата како и зголемените трошоци доведе до тоа да повисоки плати побараат сите останати. Власта се обиде во меѓувреме тоа да го менаџира и да ги стиши штрајковите и протестите со ветувања, но синдикатите и работниците сфатија дека се изманипулирани и најавија нови протести и штрајкови.
Покрај протестите на работниците, протест најави и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а имајќи ги предвид последните анкети, но и резултатите од последните локални избори, а кога на тоа ќе се додаде целокупното незадоволство кај граѓаните, очекуван е стравот кај власта дека може сериозно да биде загрозена и да нема друг избор освен да прифати предвремени парламентарни избори.

Во ваква ситуација, кога тешкиот живот и незадоволството се главна тема што е и очекувано, власта наместо на решенија се реши на дефокус. Таквиот дефокус го побара во пресудата за „Талир“. Јавна тајна е како функционираат судството и обвинителството, како продолжена рака на власта, па токму на неколку денови пред најавениот протест на ВМРО-ДПМНЕ, судот ја донесе пресудата за случајот „Талир“.
Сепак, колку и да се труди власта да дефокусира со тоа, тешко дека во оваа ситуација ќе им успее. Граѓаните денеска или утре ќе отидат во маркет, ќе отидат на бензинска пумпа, а ќе треба да ги платат и домашните сметки. Високите цени и незадоволството ќе останат, а власта не може да се справи со тоа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.