Прифатен предлогот за референдум на иницијаторите против новиот закон за учебници

Парламентарниот комитет за политички систем и односи меѓу заедниците, како и правната комисија на законодавен дом ја прифатија иницијативата за референдум поднесена од граѓанската иницијатива „Книги и настава мора да има“.

Од оваа иницијатива велат дека сега останува на првиот човек на Собранието да се изјасни за референдумот за потоа да се отвори патот за идните активности. Од иницијативата „Книги и настава треба да има“ бараат повлекување на предлог-законот за учебници што предвидува и дигитализација на книгите.

Пратениците од матичните собраниски комисии едногласно како уредна ја прифатија иницијативата за референдум на групата родители „Учебници и настава мора да има“ со која се бара повлекување на законот за дигитализација на учебниците и образовните реформи кои Министерството за образование и наука и министерката Мила Царовска ги предлагаат. Сега на потег е собранискиот спикер Талат Џафери кој треба да даде зелено светло за од граѓанската иницијатива да може да продолжат со постапката за собирање 10.000 потписи потребни за распишување референдум.

Образовните реформи и дигитализацијата на учебниците ги скараа и власта и опозицијата.

Предлог-законот за учебници меѓудругото предвидува од наредната учебна година учениците до трето одделение да продолжат да користат печатени учебници, додека почнувајќи со четвртооделенците етапно во наставата да се воведуваат дигитални учебници.

Претходно се водеше расправа за предлог-законот во Комисијата за политички систем. ВМРО прифаќа дигитализација, но без отстранување на традиционалните книги. Во меѓувреме, СДСМ рече дека промените во образованието се неопходни.

Меѓу другото, групата родители бара книгите да останат во употреба, за сите одделенија од основното и средното образование. Да нема спојување на два или повеќе предмети во еден. Да се аргументира намалувањето на бројот на часови кај одредени предмети и да се создадат соодветни услови за деца со посебни потреби.