Прифатени неколку предлог закони во рамки на 82-та седница на Собранието

Собранието во рамки на 82-та седница, прифати повеќе предлог закони и ги даде на натамошно читање. Во прво читање поминаа измените и дополнување на Законот за данок на добивка и на Законот за персонален данок на доход, по скратена постапка, измените и дополнувањата на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, Предлог законот за туристичка дејност, измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и на Законот за техничка инспекција.

Како што е образложено во Предлог законот со измените се дефинира дека за оданочиви расходи се сметаат ненаплатените побарувања кои произлегуваат од трансфери на парични средства кои по својата економска суштина се заеми и кои не се вратени во истата година во која е извршен трансферот на заемот и се овозможува износите на вратените заеми помеѓу субјектите да не се оданочат со данок на добивка, односно кога ќе се изврши враќање на заемот кој бил оданочен, даночниот обврзник да може да ја намали даночната основа за износот на вратениот заем.

Исто така, со предлогот се предвидува оданочување на дивидендата која се исплатува на правните лица резиденти на Република Македонија во моментот на исплатата на истата и се пропишува одредба со која се овозможува приходите од дивиденди остварени со учество во капиталот на друг даночен обврзник да не се вклучуваат во даночната основа ако се оданочени кај даночниот обврзник кој врши исплата на дивиденди.

Пратениците ја завршија расправата и по Предлог измените на Законот за персонален данок на доход, по скратена постапка. Според образложението од заменик министерот за финансии Ардиан Џеладини, основна цел на предложените изменувања и дополнувања на Законот за персоналниот данок на доход е да се поедностави начинот и постапката за оданочување на остварените добивки од игри на среќа во обложувалница и да се намалат обврските за  исплатувачите и обврзниците на овој вид на приход.

Предложените изменувања и дополнувања предвидуваат прецизирање на даночната основа за пресметување на данокот на остварените добивки од игри на среќа во обложувалници во годишната даночна пријава, ослободување на физичките лица од обврската да ги прикажат  добивките кои ги оствариле  од посебните игри на среќа, ослободување на исплатувачите на добивки од посебни игри на среќа од обврската при секоја исплата на добивките, да им издадаваат примерок од пресметката за аконтацијата на данокот, односно потврда за платениот данок, а по истекот на годината и збирен податок за вкупниот износ на пресметан и платен данок на доход, како и пропишување на обврска за исплатувачите на добивки од посебните игри на среќа  да и доставуваат на Управата за јавни приходи, месечен извештај за исплатени приходи-добивки од игри на среќа и за пресметаниот и платен данок по одбивка, најдоцна до седми во тековниот за претходниот месец.

Во рамки на седницата се одржа и расправа за измените и дополнувањата на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, чија цел е да се изврши допрецизирање на постапките кои по својата природа претставуваат насилство и недостојно однесување. Се проширува обемот на должностите на редарите кои мора да ги ангажира организаторот на спортските натпревари, се зголемува бројот на мерките што треба да ги преземе организаторот при спортски натпревари од висок ризик, како и се прецизираат обврските на спортските клубови.