11.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Приговорите на граѓаните за платежните картички се обработуваат, сумарните податоци ќе бидат јавно соопштени

„Важно е дека приговорите пристигнуваат, се создадоа можности сите граѓани кои сметаат дека се онеправдани да поднесат приговор до институциите.“

Приговорите на граѓаните за платежните картички се разгледуваат Министерството за финансии и Генералниот секретаријат ги обработуваат и штом ќе имаат сумарни податоци, ќе излезат и ќе ја известат јавноста, рече денеска вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.

Царовска не кажа на што точно се однесуваат приговорите.

-Важно е дека приговорите пристигнуваат, се создадоа можности сите граѓани кои сметаат дека се онеправдани да поднесат приговор до институциите. Министерството за финансии и Генералниот секретаријат ги обработуваат и веројатно штом ќе имаат сумарни податоци ќе излезат и ќе ја известат јавноста транспарентно за каков тип приговори станува збор. Секако, групирањето на приговорите е многу важно, колку од нив се позитивно решени, колку не. Се бараат и докази да се приложат кон приговорот и на тој начин да може да им се обезбеди правото доколку им следува, а институциите направиле одредени технички пропусти, истакна Царовска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на резултатите од јавниот повик „Стартапувај 2″.

Таа уште еднаш нагласи дека е важно институциите што ја спроведуваат ревизијата и примањето на приговорите, да ја известуваат јавноста за целиот процес.

-Токму затоа посочувам дека Министерството за финансии и Генералниот секретаријат кога ќе имаат информации, ќе излезат јавно и транспарентно како и досега, потенцира Царовска.

На прашањето како ако некој сака, може да ги донира средствата, вицепремиерката потсети дека картичките се персонализирани и единствениот начин е тие да се вратат назад.

-Во однос на тоа како може да ги донираат парите, може секој да се откаже од нив во самата информација која што ја добивате на својот телефонски уред може да притиснете копче на кое може да ги вратите финансиските средства кон Буџетот. Картичките се персонализирани, единствен начин е да ги вратат назад. Други начини не постојат во моментот. Не знам на каков друг начин мислите на донирање, но тие се персонализирани картички за искористување на одредени или финансиски средства, но секако може да се купат добрата да речеме од маркетите и се донираат каде што сакаат, тоа не е никаков спор, објасни Царовска.

Во врска со финансиските средства кон реалниот сектор, вицепремиерката потсети дека Владата досега донесе три сета економски мерки – првите два за намалување на ударот од социоекономската криза, а третиот развоен. Доколку се увиди дека компаниите имаат одредени барања кои ќе значат раздвижување и развој на економијата, ќе се размислува во тој правец.

-Засега тие мерки се искористуваат, да оставиме да ги видиме ефектите од финансиските средства што се вложени и за плати, но исто така се имплементира во моментов и посебна уредба која се однесува на натамошни инвестиции од страна на компаниите и секако доколку се создаде потреба или се види дека тие имаат одредени барања кои ќе значат раздвижување и понатаму развој на економијата тогаш Владата ќе размислува. Ние сме во постојана комуникација и координација и сметам дека сите барања беа слушнати, така продолжуваме и понатаму и со граѓаните и со компаниите.

На новинарско прашање колку донации има засега во владиниот КОВИД фонд, Царовска истакна дека сме солидарно општество.

-Сметам дека сме едно солидарно општество и покажавме и во оваа криза дека солидарноста е на високо ниво. А секој што донира, значи дека можел да донира и капацитетот на донирање во државата го покажува и бројот на донации и сметам дека со тоа кое што го располагаме како капацитет како држава е сосема доволно. Секој што смета дека сака и може да донира, го направил тоа, сигурна сум, подвлече вицепремиерката за економски прашања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.