Пријателите на Македонија го препознаваат тешкиот компромис, но тоа е патот напред

САД се уверени дека Договорот со Грција ќе продолжи да се исполнува и очекува Македонија како Северна Македонија да стане членка на НАТО. Ова вечерва го изјави американскиот амбасадор Џес Бејли, кој вечерва гостуваше на вестите на Канал 5 телевизија. Тој стакна дека треба да се формира Државната изборна комисија за да може таа да ги реализира подготовките за претстојниот референдум на кој граѓаните ќе го изразат своето мислење.

Мислам дека ќе гласаат за ова бидејќи поддршката за НАТО постои во земјата уште од 90-тите, од независноста. Мислам дека уште од Самитот во Букурешт очигледно е дека требаше да дојде до договор со Грција за прашањето за името за да се оди напред. Тоа е тежок компромис, но мислам дека сега граѓаните на земјата имаат можност да ја видат својата иднина, рече Бејли.

Според него, ако договорот со Грција не се реализира било од кои причини, кај нас или во Грција, ставот на Генералниот секретар бил прилично јасен.

Тоа е дел од пристапниот процес за НАТО сега. Токму затоа САД се уверени дека Договорот ќе продолжи да се исполнува и целосно очекуваме Македонија како Северна Македонија да се стане членка на НАТО, рече амбасадорот на САД.

Тој посочи дека многу пати разговарал со претседателот Ѓорге Иванов за македонската иднина во ЕУ и НАТО и тој, како што рече, долги години бил силен поддржувач на тоа.

Оттука, верувам дека сега има можност Македонија да си ја види својата иднина, да се движи напред, што вклучува тешки компромиси, го препознаваме тоа, пријателите на Македонија го препознаваат тоа, но тоа е патот напред и мислам дека на крајот тоа е она што го поддржуваат граѓаните на земјава, иднина во НАТО, иднина во ЕУ, изјави Бејли.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.