Прилеп дестинација погодна за инвестирање

Градоначалникот Марјан Ристески заедно со претставници од Локалната самоуправа, ја посетија индустриската зона „Прилеп 1“ каде се гради на големо, а локалната самоуправа веќе инфраструктурно го доуредува овој простор.

„Денес сме во посета на индустриската зона ‘Прилеп 1’ и натаму локалната самоуправа продолжува да работи на инфраструктурните проекти да ја зокружи оваа зона. Редовно правиме посета на месец, месец ипол, за да видиме што треба да се сработи во договор со сиве овие инвеститори коишто купија земјиште и веќе градат или веќе ги привршуваат изградените објекти во оваа зона“, рече градоначалникот Ристески.

Во оваа зона ќе има 15 објекти во кои ќе бидат вработени околу 1.500 до 2.000 лица. Локалната самоуправа овде има инвестирано милион евра од буџетот и донацијата од Светска банка во висина од 125.000 евра. Во моментов изграден е поголем дел од инфраструктурата во индустриската зона „Прилеп 1“.

Градоначалникот Марјан Ристески посочи дека оваа зона ќе биде една од најубавите зони, а сите останати кои ќе се изградат по неа ќе треба да го следат нејзиниот пример.