Прилеп им се поклони на хероите – 21 година од трагедијата кај Карпалак

Со интонирање на македонската химна и со оддавање на почит со едноминутно молчење пред спомен комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп, денеска бројни делегации, од Министерството за одбрана, Генералштабот на Р.Македонија, прилепските пратеници, претставници од кабинетот на претседателот на Р. Македонија, општинска делегација предводена од градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, претставници од Советот на Општина Прилеп, предводена од претседателот на Советот Дејан Проданоски, како и делегации од институции, претставници на семејствата на бранителите, политички партии и здруженија на граѓани, положија венци и свежо цвеќе и им оддадоа почит на загинатите 10 прилепски бранители кои загинаа од заседа на 8- ми август, во конфликтот од 2001та година, на Карпалак: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Оддавајќи им почит на хероите, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески потсети на ужасниот настан кога животот го загубија десетте прилепски бранители од резервниот состав на АРМ.

„Тие се нашите херои кои загинаа за слободата на Република Македонија и слободата на македонскиот народ. Денес и после 21 година од овој ужасен настан повторно сме овде, пред споменикот Карпалак во Прилеп да им оддадеме почит и да ја споделиме болката за нашите херои со семејствата на: Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Велјаноски. Нивните имиња вечно ќе останат во нашата меморија. Сигурен сум дека секоја година на овој ден чествувањето, на нивните семејства и најблиските, им дава барем малку повеќе сила и утеха,а нас ни претставува гордост што бевме нивни сограѓани и сведоци на пожртвуваноста и нивното херојство. Некои нешта едноставно не можеме да ги вратиме, но мораме да продолжиме да го негуваме нивното херојско дело. Стоејќи пред оваа спомен плоча и споменикот изграден во нивна чест, пред оваа топка која што симболизира вечен живот, докажуваме дека сме сплотени и никој не може да не спречи во нашата намера да ја браниме и безусловно да ја сакаме нашата татковина. Исто така сите сме согласни во тоа дека злото од 2001 година никогаш не смее да се повтори. Затоа што во воените конфликти нема победници и секоја една солза и загубен човечки живот се далеку повредни од било каков извојуван триумф.

Како народ, повторно сме ставени пред искушенија и постојано сме пред нови битки, во кои што мораме да останиме сплотени на патот кон одбрана на нашата македонска држава, кауза, традиција и име. Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Карпалак ќе боли засекогаш, но ќе остане вечен спомен кој ќе потсетува на храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, нивниот живот“ рече градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески на денешното чествување.

Инаку, денеска во раните утрински часови, делегации од граѓанските здруженија, преставници од Општина Прилеп, Градоначалникот и Претседателот на Советот на Општина Прилеп, им оддадоа почит на загинатите херои на нивните вечни почивалишта на градските гробишта „Песјобрдце“ и на ромските гробишта.
Делегации од Општина Прилеп им оддадоа почит и положија свежо цвеќиња и на гробовите на загинатите бранители од населените места: Новоселани, Бело Поле, Ропотово и Пашино Рувци.

Делегација на Општина Прилеп заедно со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, присуствуваше и на панихидата што во чест на 10-те загинати прилепски бранители се одржа во црквата „Света Петка“ во населбата Точила, каде што по повод денешниот голем православен празник Св. Петка се одржа и Света божествена литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот г. Петар.
Рано изутринава, претставници од здружението „Карпалак“ и делегација од Општина Прилеп положија свежо цвеќе и кај месноста „Карпалак“, на местото каде што пред 21 година од заседа беше нападнат прилепскиот конвој од прилепскиот резервен армиски состав каде загинаа 10 те прилепските бранители.

Вчера, доцна попладне, делегација на Општина Прилеп и градоначалникот, претставници од Советот на Општина Прилеп, претставник на владата на Р. Македонија, од семејствата на загинатите херои, претставници од АРМ, претставници на политичките партии и граѓанските здруженија и граѓани, положија свежо цвеќе пред спомениците на паднатите прилепски бранители, во кругот на касарната „Мирче Ацев“. Делегациите ја посетија и спомен собата, а потоа се упатија кон селото Лениште каде пред спомен плочата на загинатите бранители положија свежо цвеќе.
Пред 21 година, рано изутрината, во воениот конфликт 2001г. од заседа се убиени прилепските бранители:Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.