Прилепчанец свирепо ја убил баба си

Седумдесет и деветгодишната К.М. од Прилеп била убиена ноќта во четвртокот во својот дом од нејзиниот внук, 30-годишниот М.М., соопшти Министерството за внатрешни работи.

Осомничениот околу 23 часот прво се обидел да ја задуши со перница во нејзината спална соба во куќа на улицата „Борка Медаро“, но старицата се разбудила, почнала да дава отпор и успеала за момент да го оттргне од себе.

Потоа М.М. извадил метален боксирач и неколкупати ја удрил во пределот на главата, по што таа починала. По еден час од настанот М.М. сам се пријавил во Полициската станица Прилеп. Итната медицинска помош констатирала смрт, а увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од прилепската полиција.

М.М. е задржан во полициската станица и се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.