Примера доби „зелено светло“ од 8-ми јуни

Шпанскиот премиер Педро Санчез даде „зелено светло“ за продолжување на шпанското фудбалско првенство кое би можело да започне од 8-ми јуни.

Шпанскиот премиер во саботното обраќање до јавноста исткна дека Шпанија полека се враќа во нормалното живеење по повеќе од два месеца целосна изолација поради епидемијата од коронавирусот. Меѓу другото, го најави и датумот на продолжување на шпанското фудбалско првенство, во седмицата околу 8-ми јуни.

„Шпанија стори сѐ што мораше, така што пред нас се отвораат нови хоризонти. Дојде време кога можеме да се вратиме на секојдневните задачи. Од 8-ми јуни ќе се врати и фудбалската лига. Шпанскиот фудбал има масовна поддршка…“, истакна Санчез.

Откако шпанското првенство беше прекинато на 12-ти март, клубовите од 8-ми мај започнаа со индивидуално тренинзи со најмногу шест играчи на теренот во исто време, со почитување на физичката оддалеченост и другите здравствени мерки.

Единаесет кола пред крајот на првенството, на тебелата води Барселона со 58 бодови, додека нејзиниот најголем ривал Реал Мадрид ја следи со два бода помалку.