Британскиот престолонаследник, принцот Вилијам, започнува петгодишна програма за помош на бездомниците „Homewards“ во која планира да обезбеди средства и стручни совети на шест локации со цел да се намали бројот на бездомници.
Локаците на коишто ќе се спроведува проектот ќе бидат познати во понеделник и вторник кога ќе ги посети принцот Вилијам.
„Цврсто сум убеден дека со заедничка работа можеме да го направиме бездомништвото ретка појава. Со нетрпение очекувам да работам на нашите шест локации за да ја направиме нашата амбиција реалност“, рече 41-годишниот Вилијам.
Проектот е поддржан од Кралската фондација, а секоја од избраните локации ќе добие по 500.000 фунти.
Според процените на хуманитарните организации, дури 270.000 домаќинства во Велика Британија немаат дом, односно семејствата меѓу кои и децата спијат на отворено, во автомобили или имаат привремено сместување во хостели или кај роднини. Поради зголемените трошоци за живот, се очекува оваа бројка да се зголеми.